Интервју со доктор Јакимовски: Опасниот вирус циркулира во македонските крлежи, треба да ги отстранува стручно лице

Со доаѓањето на пролетта, пристигнува и сезоната на крлежи. Иако некогаш се сметаа за мали безопасни паразити, денес сè повеќе се потенцираат опасностите кои може да ги предизвикаат пренесувајќи сериозни заразни болести. 

Клиниката за Инфективни болести годишно брои просечно 400 консултации за каснатини од крлеж.

Со цел да се превенираат фаталните последици, но и да се покрене јавната свеста за потенцијалните ризици од крлежи разговараме со доктор Дејан Јакимовски од скопската Инфективна клиника, кој инаку е и еден од основачите на „Балканската Асоцијација за вектор преносливи болести“. 

- Во однос на бројката на изложени лица на крлежи, бројката на лица кои што ќе развијат болест е многу мала, а ризикот за компликации уште понизок. Но, фактот дека вирусот на Конго-кримската хеморагична треска циркулира во македонските крлежи, и фаталниот случај на ККХТ во 2023 третиран на нашата Клиника, нè држи спремни за можноста да се повтори истото секоја наредна сезона, нагласува тој. 

Станува збор за случајот со 27-годишната штипјанка која почина во јули 2023 година, како последица на вирус пренесен од крлеж, кој ѝ бил изваден во домашни услови. 

Во продолжение интервјуто со доктор Јакимовски. 

Несомнено, со пролетта доаѓа и сезоната на крлежи, со оглед дека луѓето сè почесто се во природа. Кој е вашиот совет, како да се заштит правилно од овие паразити?

Сезоната на крлежи во нашата држава започнува од месец март и трае до ноември. Овој период забележуваме најголема активност на овие паразити, воедно и луѓето повеќе се раздвижени во природата, што резултира со зачестен број на консултации поради каснатина од крлеж. Постојат повеќе регистрирани репеленти за крлежи како и рецепти за домашно припремени масла за заштита, дополнително, препораката е носење на долги ракави и ногавици при движење на тревни површини и задржување до пешачките патеки особено на места со високи треви и грмушки. Независно дали ќе се применат превентивни мерки или не, од исклучителна важност е темелна проверка на телото на крајот од денот.

За вадењето крлежи во домашни услови постојат повеќе митови (со ацетон, оцет, бензин...). Во кои случаи може и треба да се извади дома, а во кои пациентот со крлеж треба да се јави на лекар?

Вадењето на крлежи треба да се изведе од стручно лице, а не самостојно во домашни услови. Честопати поради несоодветно вадење на крлежот лицата се изложуваат на инфекции неповрзани со микроорганизми преносливи со крлежи. Дополнително, некомплетното вадење на крлежот го зголемува ризикот за пренос на микроорганизми преносливи со крлежи. Секогаш треба да се консултира медицинско лице во најблискиот ургентен центар каде крлежот ќе биде соодветно екстрахиран.

Знаеме дека овие паразити може да бидат пренесувачи на опасни болести. Во кои случаи во медицинската пракса, крлежот треба да се испрати на анализа за да се утврди дали е носител на некоја сериозна болест?

Анализата на крлежи за патогени микроорганизми по секое каснување не се препорачува. Но, кога пациентите се препраќаат на нашата Клиника за консултација по екстракција, секогаш треба да го носат крлежот со нив, најчесто во пластичен сад, за одредување на видот и развојната фаза на крлежот, испитување кое се обидуваме да го имплементираме на Клиниката.

Различни видови на крлежи се асоцирани со различни видови на патогени микроорганизми кои што предизвикуваат различни болести со специфични манифестации. Оттука, може да се даде соодветна препорака на пациентот за следење на развој на специфична симптоматологија што ќе резултира со навремена медицинска консултација.

Какви сè последици може да има лицето кое подолго време има крлеж на телото, а не бил забележан благовремено? Сè почесто слушаме за Лајмска болест од инфицирани крлежи, дали всушност таа е најопасната болест предизвикана од овој тип на паразити?

Постојаното циркулирање на вести и информации за Лајмска болест по медиумите кај нас, е резултат на прелевање информации од другите држави. Истражувањата спроведени на Клиниката изминативе три години потврдија дека кај нас десеткратно повеќе се застапени болестите преносливи со крлеж од групата Рикециози. Дополнително, освен тоа што имаме Рикециози и Лајмска болест во нашиот регион, во 2023 и 2024 изолиравме и за прв пат опишавме три засебни автохтони соеви на смртоносниот вирус на Кримско-Конго хеморагична треска (ККХТ). Должината на времето на хранење на крлежот со крв е правопропорционално со шансата за инфекција со микроорганизми кои предизвикуваат Лајмска болест или Рикециоза. Истото пак е ирелевантно за ККХТ, вирусот ќе се пренесе и по 15 минути откако е прикачен крлежот.

Надлежните на светско ниво последниве години предупредуваат дека расте бројот на болести кои ги пренесуваат крлежите. Дали во земјава доволно се зборува на темава, односно дали се прави доволно да се покрене јавната свест за опасностите од овие паразити?

Свеста за болестите преносливи со крлеж помеѓу општата популација како и медицинските професионалци е изразито ниска. Освен што сме посветени на продуцирање на високо-квалитетни научно истражувачки трудови кои што ги разоткриваат овие болести и предизвиците кои тие ги носат, сигурно, но полека работиме и на соодветно и континуирано презентирање на важноста на тие резултати на медицинските професионалци, и уште поважно, општата популација.

За милениците... Што треба да знае секој кој чува милениче во однос на заштитата од крлежи?

Ако земеме предвид дека повеќе од 50% од пациентите со болест пренослива од крлеж не знаат дека воопшто биле каснати од крлеж, а милениците се често магнет за овие паразити, едно од главните прашања при преглед на пациент суспектен за ваква болест е „дали чува некакво животно/милениче“. Еден од фокусите за подигање свест за овие болести се токму и овој дел од популацијата. Истите би ги ставил во заедничка категорија со земјоделците, шумарите, планинарите, ловџиите – популација изложена на ризик.

Вие, освен како лекар на Инфективната клиника, сте активни и пошироко во оваа област. Дали може накратко за вашата органзиација и активностите кои се реализираат?

За соодветен одговор на предизвикот кој го носат болестите преносливи со крлеж потребен е мултидисциплинарен пристап и високи дијагностички капацитети. Кога истото не може да се пронајде во државата, во фокус влегува интернационалната соработка.

Во таа насока на почетокот од 2024 година ја формиравме Балканската Асоцијација за Вектор Преносливи Болести (www.bavbd.org) каде се вклучени професионалци од сите дисциплини и секој со своите капацитети може да придонесе во мисијата против заканата која ја претставуваат вектор-преносливите болести за јавното здравје на Балканскиот регион.