
Во изминатите неколку години, се почесто во јавниот дискурс се зборува дека бројот на заболени од малигни заболувања е во пораст. Исто така, граѓаните се сѐ позагрижени во врска со загадувањето на животната средина – воздухот, водата и почвите, и за тоа дека тоа овие аномалии можат да доведат до ваков вид на заболувања.
Во интервју за Скопје Инфо, директорот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје, д-р Игор Стојковски вели дека во последните години навистина има континуиран пораст на пациенти со малигни заболувања, а само лани биле регистрирани околу 5.300 нови случаи.
Запрашан за тоа дека се почесто слушаме како бројот на пациенти со онколошки заболувања руши рекорди, и за тоа каква е статистиката кај нас, доктор Стојковски вели дека во последните години навистина бележиме континуиран пораст на пациенти со малигни заболувања.
„Само во 2024 година регистриравме околу 5.300 нови случаи. Дел од овој раст се должи на подобрена дијагностика и зголемена свест кај граѓаните, но дел секако е последица на реални ризик-фактори: загадување, пушење, стрес и стареење на населението. Она што е охрабрувачко е дека денес имаме попрецизни податоци преку Националниот регистар за рак, што ни овозможува да ги планираме превенцијата и третманите многу поефикасно. Нашата цел е рана детекција, предвидлива терапија и стабилен систем кој ќе гарантира сигурност за пациентите“, истакна д-р Стојковски.
Во однос на тоа дали Клиниката води сопствени статистики и евиденции за трендовите на малигните заболувања и што покажуваат податоците за последната деценија, Стојковски посочи дека Клиниката води детална евиденција и според нивните податоци, во последната деценија бројот на нови случаи пораснал за околу 35 - 40%.
„Најчести се карциномите на дојка, бели дробови, дебело црево и простата. Загрижува фактот што се сè почесто се дијагностицираат помлади пациенти, особено кај туморите на дојката и тироидната жлезда. Тоа е глобален тренд, и затоа фокусот мора да биде на скрининг и едукација. Превенцијата не чини многу, но спасува животи“, објаснува тој.
Често се говори дека Скопје е еден од најзагадените градови во Европа, а дополнително сведочевме и на серијата пожари кои што се случуваа низ депониите. Д-р Стојковски, прашан дали според нивните податоци, постои врска меѓу загадениот воздух и зголемениот број на пациенти со карцином, одговори дека нема дилема дека загадувањето претставува сериозен здравствен ризик и дека постојат многу студии што го поврзуваат долготрајното вдишување на PM-честички со зголемен ризик од карцином на белите дробови.
„Иако во Македонија се уште немаме сеопфатни национални истражувања, факт е дека ракот на белите дробови е меѓу водечките дијагнози. Потребни се долгорочни епидемиолошки анализи, но можеме со сигурност да кажеме дека загадувањето ја зголемува изложеноста на ризик и има реално влијание врз здравјето на населението“, посочува докторот.
Тој исто така, вели дека загадувањето најмногу се поврзува со карциномот на белите дробови, но влијание има и кај тумори на мочниот меур, кожата, главата и вратот и, во одредени случаи, кај некои видови на леукемија.
„Тоа се последици од долготрајна изложеност на канцерогени честички во воздухот, индустриски хемикалии и УВ-зрачење. Затоа, здравата средина е исто толку важна колку и модерниот третман – ние можеме да лекуваме, но системот мора да спречува, додава Стојковски.
Во однос на превенцијата и што можеме да направиме на индивидуално ниво, а што е во надлежност на државата за да се намали ризикот од малигни заболувања, Стојковски вели дека всушност превенцијата е клучот – и индивидуалната, и системската.
„На личен план, тоа значи да се откажеме од пушење, да се храниме здраво, да се движиме повеќе и да се штитиме од сонце. Од страна на државата, тоа значи контрола на загадувањето, организирани скрининг-програми и достапност на вакцинации против HPV и хепатит Б. Само со заеднички напор – граѓани и институции – можеме да го намалиме растот на заболувањата. Ракот не е само медицински, туку и општествен предизвик“, истакна тој.
Докторот Стојковски, во својство на директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, накратко беше запрашан и за случајот „Онкологија“. Тој смета дека е разбирливо што јавноста била длабоко потресена, а довербата на Клиниката сериозно нарушена.
„Разбирливо е што јавноста беше длабоко потресена и довербата сериозно беше нарушена. Пациентите стравуваа дали ќе ја добијат терапијата и дали се безбедни во системот. Наш приоритет денес е да покажеме дека Клиниката функционира со највисоки стандарди на контрола и професионалност. Довербата не се враќа со зборови, туку со дела – со транспарентност, отчетност и човечки пристап кон секој пациент“, вели докторот во својство на директор на Клиниката.
За да се спречи можноста за повторување од такви злоупотреби, Стојковски вели дека бил воведен електронски систем за следење на секој лек – од моментот на прием до апликацијата на пациентот.
„Секој третман сега поминува низ верификација и евиденција во дигитална база, а секој случај се разгледува на онколошки конзилиум кој е составен од повеќе стручњаци. Со тоа создадовме модел во кој нема простор за злоупотреба – секој чекор остава трага, секој сомнеж може веднаш да се провери. Тоа е ново ниво на контрола и сигурност за пациентите“, објаснува тој.
За крај, запрашан за тоа кои се најголемите предизвици со кои Клиниката се соочува денес во третманот на пациенти, тој посочи дека главните предизвици се три: недостиг на кадар, финансиски ограничувања и потребата од технолошка модернизација. Сепак, вели, она што нè држи е тимот – луѓето кои секој ден работат со огромна посветеност.
Тој додава дека со поддршка од Министерството, веќе подготвуваат нови набавки на опрема и програми за привлекување млади кадри.
„Нашата цел е јасна: пациентот да добие современ третман, без чекање и без неизвесност“, нагласи доктор Стојковски.