
Во време кога здравјето сè почесто е ставено на тест, а пациентите се соочуваат со сериозни дијагнози и неизвесност, улогата на лекарот одамна ја надминува рамката на класичната медицина. Таа подразбира знаење, но и емпатија, поддршка и човечност. Токму за овие теми на Светскиот ден на здравјето разговараме со доцент д-р Даниела Буклиоска Илиевска, специјалист интернист и супспецијалист пулмолог во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје – доктор кој секојдневно се соочува со предизвиците на современата медицина, но и со потребата да им ја врати надежта на пациентите во најтешките моменти.
Како лекар кој лекува, но и охрабрува, и како професор кој на идните генерации им пренесува не само знаење, туку и емпатија, почит кон пациентот, чувство за одговорност и важноста на тимската работа, д-р Буклиоска Илиевска ја гради медицината како професија со вредности.
Во интервјуто, таа зборува за мотивацијата што ја води во работата, за важноста на комуникацијата со пациентите, за балансот меѓу професионалниот и приватниот живот, како и за предизвиците со кои се соочува пулмологијата денес.
Што Ве мотивира секојдневно да се борите за здравјето на пациентите, особено во моменти кога тие ја губат надежта?
Во тие моменти, улогата на лекарот не е само да лекува, туку и да поддржи, да охрабри и да даде чувство на сигурност. Секој пациент има своја приказна – зад секоја дијагноза стои човек кој се бори. Дури и кога не можеме да излекуваме, можеме да направиме многу – да ја намалиме болката, да го подобриме квалитетот на живот и да му вратиме достоинство на пациентот. Некогаш и мала интервенција, збор или присуство може да направи голема разлика. Во моменти кога пациентите ја губат надежта, ние сме тие што треба да ја одржиме – со знаење, емпатија и посветеност. Токму таа одговорност и можноста да влијаам позитивно врз нечиј живот се мојата најголема мотивација секојдневно.
Како пулмолог, кога работите со пациенти со сериозни дијагнози, на кој начин им помагате да останат психички силни и колку е важно лекарот да биде и поддршка, а не само терапевт?
Како пулмолог, многу често се соочувам со пациенти кои добиваат сериозни и животозагрозувачки дијагнози, како хронични или малигни белодробни заболувања. Во тие моменти, освен медицинскиот третман, исклучително важен е и начинот на комуникација со пациентот. Се трудам да бидам искрена, но и внимателна – да ја објаснам состојбата разбирливо, без да создадам дополнителен страв. Им давам простор да поставуваат прашања, бидејќи кога пациентот разбира што се случува, се чувствува посигурен и посилен. Понекогаш е доволно само да се биде присутен, да се сослуша пациентот и да се покаже дека не е сам. Токму таа хумана страна на медицината има огромно влијание врз исходот, бидејќи пациент кој се чувствува разбран и поддржан има поголема мотивација да соработува и да се бори со болеста.

Како успевате да ја балансирате улогата на лекар, професор и мајка – и што Ве исполнува најмногу во секоја од тие улоги?
Балансот не е секогаш лесен, но за мене тоа е привилегија, а не товар. Овие улоги не се спротивставени – тие се надополнуваат и ме прават не само подобар професионалец, туку и подобар човек. Тука, пред сè, стои огромната поддршка од моето семејство – мојата тивка сила и најголемата сигурност. Се трудам да бидам целосно присутна во секоја улога. Кога сум со пациент, сум тука со знаење и комуникација, и најголемо задоволство ми е кога ќе помогнам и ќе видам дека некој се чувствува подобро. Кога сум со студентите и специјализантите, се обидувам да им пренесам не само наука, туку и љубов кон професијата – се мотивирам и радувам кога напредуваат и стануваат сигурни во себе. Но, најубава е улогата на мајка и сопруга – токму малите, секојдневни моменти на разговор, насмевка и време поминато со семејството ми даваат радост, смисла и внатрешен мир.
Што им пренесувате на студентите – само знаење или и вредности што треба да ги носат како идни лекари?
Медицината не е само наука, таа е и хуманост, одговорност и етика. Секако, знаењето е основата – ги учам да размислуваат клинички, да поставуваат прашања и да донесуваат аргументирани одлуки. Но, подеднакво важно е да разберат дека зад секој пациент стои човек со своја болка, страв и надеж. Се трудам да им всадам емпатија, почит кон пациентот, чувство за одговорност и тимска работа. Ги охрабрувам да бидат љубопитни, да учат постојано и да не ја губат човечката страна во професијата, без разлика на предизвиците.
Во време кога здравствениот систем се соочува со многу предизвици, што според Вас значи да се биде „добар лекар“ денес?
Во услови на бројни предизвици во здравствениот систем, добриот лекар е оној кој успева да го задржи балансот помеѓу стручноста, етиката и човечноста. Секако, темелот е знаењето и постојаното усовршување – медицината се развива брзо и ние мора да чекориме со неа. Но, подеднакво важно е како го применуваме тоа знаење – со почит кон пациентот и способност за јасен и искрен разговор. Добриот лекар денес е и тимски играч, кој знае да соработува со колегите и да се справи со ограничени ресурси без да го загрози квалитетот на грижата. Тоа е и некој кој знае да слуша, да препознае што му е најпотребно на пациентот и да помогне со лек и убав збор.

Колку денес луѓето се свесни за значењето на здравјето на белите дробови и дали доволно рано реагираат кога ќе се појават првите симптоми? Која е Вашата препорака – како да се зачува и заштити здравјето на белите дробови?
Свесноста за здравјето на белите дробови денес е подобрена, но сè уште не е на задоволително ниво. Голем дел од луѓето ги поврзуваат белодробните болести исклучиво со пушењето цигари и не ги препознаваат раните симптоми како кашлица, замор, болка во градите или отежнато дишење. Овие симптоми често се потценуваат со месеци, сметајќи дека се привремени, што доведува до доцна дијагноза. Моја препорака е да не се игнорира ниту еден симптом кој трае повеќе од 2–3 недели. Превенцијата е клучна – престанокот на пушење е најважниот чекор, но исто така важни се и намалувањето на изложеноста на загаден воздух, користењето заштита на работно место и редовните контроли кај ризични пациенти. На крај, би истакнала дека здравјето на белите дробови не треба да се сфаќа здраво за готово – тоа е нешто што се гради и чува секојдневно, со свесни избори и навремена реакција.
Кои се најактуелните предизвици во пулмологијата денес – со што најчесто се соочуваат пациентите, а со што лекарите во секојдневната практика?
Пулмологијата денес се соочува со неколку сериозни и меѓусебно поврзани предизвици. Од страна на пациентите, најчести проблеми се хроничните болести и белодробниот карцином, кои и понатаму се водечки причини за морбидитет и морталитет. Многу пациенти доаѓаат доцна, во стадиум на напредната болест. Од друга страна, лекарите се соочуваат со комплексноста на овие болести, кои често коегзистираат, а пациентите имаат повеќе коморбидитети, што го отежнува третманот и ја влошува прогнозата. Дополнителен предизвик е раната дијагноза. Исто така, се соочуваме со влијанието на загадувањето, стареењето на популацијата и сè поголемата потреба за персонализирана медицина. Современите терапии напредуваат, но бараат добра селекција на пациенти и мултидисциплинарен пристап. Затоа, денес пулмологијата не е само дијагностика и терапија – туку и превенција, рано откривање и континуирана едукација на пациентите за болеста и придржување кон терапијата.