Најчесто пишувам поезија инспирирана од животот, од луѓето коишто имаат животни приказни за прераскажување, природата којашто плени со целиот свој раскош, патувањата кои носат нови хоризонти за осознавање, љубовта, вербата и духовноста. Ме мотивираат малите работи, направени со голема љубов вели поетесата Цветанка Невчева добитник на наградата „Бели Мугри“ за 2024 година.
Со Невчева зборуваме за неколку теми. Таа е специјализирана медицинска сестра, некогашна активна фудбалерка како што самата се опишува, фудбалски судија, фудбалски тренер со лиценца на УЕФА и коавтор на повеќе научно-истражувачки трудови.
Дали може да ни кажете нешто повеќе за вас, која е Цветанка Невчева?
Јас сум специјализирана медицинска сестра по семејна и патронажна грижа. Магистранд на спортски менаџмент при АЕУ – ФОН Скопје. Некогашна активна фудбалерка, фудбалски судија и фудбалски тренер со УЕФА Б лиценца. Активист и волонтер во повеќе невладини организации. Вработена во ЈЗУ Институт за јавно здравје на Македонија. Автор и коавтор на повеќе научно-истражувачки трудови.
Во 2019 година е издадена мојата прва стручна книга во коавторство со професорката Лиза Пантековска и професорот Александар Поповски насловена како - „Влијанието на редовната физичка актвност врз здравствената состојба, кај здравствени работници и соработници со различни социо-демографски карактеристики вработени во јавна здравствена организација во Република Северна Македонија“ (Impact of regular physical activity on health, Health workers and coworkers employees in public health organization in Republic North of Macedonia), од македонски јазик во 2020 година преведена на 8 други јазици (англиски, француски, германски, италијански, шпански, португалски, руски и полски.)
Вљубеник сум во убавата мисла преточена во убав збор запишан во книги исполнети со поучни и мудри страници. Ја сакам недопрената природа, уживам во слушањето музика што е допадлива за моето уво и во разговорите со луѓето кои имаат што да кажат, кои имаат животни лекции за прераскажување.
Моето мото гласи: Ништо не ни припаѓа нас, само надежта којашто е сон на будните!
Пишувам поезија и кратки раскази. На 8 август 2024 година излезе од печат мојата прва поетската книга насловена како „Процвет” во издание на Дата песнопој од Битола. Делото е дел од Современата македонска книжевност - едиција: Книжевни меридијани и е носител на наградата насловена како „Душата на чаршијата“, за најдобра поетска книга на конкурсот распишан од издавачката куќа - Дата песнопој од Битола.
На 4 декември 2024 година беше промовирана мојата втора поетска книга насловена како ,,Исихијаˮ, која е носител на наградата ,,Бели мугриˮ за поетска книга на млад автор, која ја доделува ЈУ Дом на култура ,,Кочо Рацинˮ во чест на великанот Кочо Рацин и истата е дел од Едицијата: ,,Бели мугриˮ 2024 година.
Вие по професија сте медицински лице, но во исто време и поетеса, како започна целата таа приказна околу пишувањето?
Кога ќе размислам подобро тоа беше во основно образование, мојата прва стихотворба на тема поврзана со екологијата, беше објавена во списанието Наш Свет. Потоа продолжив да пишувам, но некако ги чував стиховите поезија само за себе.
Потоа се случи една прекрасна книжевно-поетска работилница за креативно пишување, Есенски креативен мозаик, организирана од ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ - Скопје, октомври 2017 година, а под покровителство на град Скопје, која имаше за цел откривање на млади таленти и тоа беше клучниот момент кога јас започнав посериозно да се занимавам со пишување. Најдобрите творби на учесниците, меѓу кои беа и моите, се објавени во книжевниот алманах - Есенски креативен мозаик.
Кажете ни, од каде ја црпите инспирацијата за пишување?
Најчесто пишувам поезија инспирирана од животот, од луѓето коишто имаат животни приказни за прераскажување, природата којашто плени со целиот свој раскош, патувањата кои носат нови хоризонти за осознавање, љубовта, вербата и духовноста. Ме мотивираат малите работи, направени со голема љубов.
А во тишината најдобро творам, затоа што тишината најмногу говори!
Ја добивте наградата „Бели Мугри“ за најдобар млад автор ќе ни кажете ли нешто повеќе за тоа?
Наградата ,,Бели мугриˮ за поетска книга на млад автор, која ја доделува ЈУ Дом на култура ,,Кочо Рацинˮ оваа година на моја огромна чест и задоволство, ја доби мојата стихозбирка насловена како ,,Исихијаˮ – што во превод значи тихување и истата е дел од Едицијата: ,,Бели мугриˮ 2024 година.
Стихозбирката ,,Исихијаˮ беше промовирана на 4 декември 2024 година во ЈУ Дом на култура ,,Кочо Рацинˮ- Скопје во склоп на Книжевната манифестација ,,Деновиˮ, која установата ја организира во чест на раѓањето на македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин.
Пораката што сака да ја пренесе стихозбирката ,,Исихијаˮ до читателите гласи: Слушни ја тишината во тебе, за да се осознаеш самиот себе. Тишината си ти!
Да се биде носител на награда која се доделува во чест на нашиот великан Кочо Рацин - кој бил револуционер, поет, книжевен критичар, бродар на своето време - јасновидец и еден од основоположниците на современата македонска книжевност има огромно значење за мене и претставува поттик за понатамошно творење и продолжување на креативниот процес на создавање на нови погледи кон светот преку пишаниот збор.
Би сакала во оваа прилика да изразам огромна благодарност до директорот, вработените и соработниците на ЈУ Дом на култура ,,Кочо Рацинˮ- Скопје за одличната организација на настанот кој се одржа под покровителство на град Скопје. Како и до членовите на жири комисијата, коишто препознаа вредност во Исихија, што за мене секогаш ќе значи!
Забележавме дека сте биле фудбалерка, фудбалски судија па дури и тренер со Б лиценца, како навлеговте во фудбалскиот свет?
Од најрана возраст се занимавам со спорт, а фудбалот значи посебна љубов за мене. Кога играм фудбал се чувствувам среќно, и затоа би препорачала на секого, да го прави тоа што го исполнува, го прави среќен и му носи радост во животот! Како спортски работник, но и како мајка на мало дете, би ја истакнала огромната улога на спортот во психофизички развој на секое дете и би му препорачала на секој родител своето дете да го вклучи во некоја спортска активност, а се разбира и самите тие да бидат пример за своите деца.
Започнав да тренирам фудбал многу спонтано. Живеев во близина на фудбалско игралиште и тоа беа времиња кога секој ден го поминував на фудбалскиот терен, играјќи фудбал на мали голови, најчесто со момчиња. Еден ден поминував покрај игралиштето и за првпат видов група на девојчиња, како тренинираат фудбал. Воопшто не се колебав, веднаш отидов кај тренерот и од тогаш станав дел од тимот. Тоа беше годината 2001/02 кога за првпат во РСМ се формираше Првата Македонска фудбалска женска лига. Имав 12 години и бев дел од ЖФК Тикевешанка во којшто поминав 10 години активно натпреварувајќи се. Би ја издвоила сезоната 2008/09 година кога бевме освојувачи на Купот и Првенството во Првата женска фудбалска лига и учеството во квалификациските натпревари за УЕФА - Лига на шампиони.
Исто така бев дел од Македонската женска фудбалска репрезентација У17, во периодот од 2006/07 година. Чест е носењето на националниот дрес, предизвикува посебно чувство!
Недоволната застапеност на жените фудбалски судии, ми беше предизвик за да се охрабрам и да докажам дека и ние жените можеме, знаеме и умееме, фудбалот не е машки спорт, спортот е за сите подеднакво! Тогаш имав 16 години, а тоа е најрана возраст кога можеш да полагаш за да станеш фудбалски судија. Бев на единствената листа на женски судии на РСМакедонија, со положена Прва категорија.
Фудбалски тренер со УЕФА Б лиценца сум од 2018 година, стипендист на програмата на УЕФА заедно со ФФМ за поголема вклученост и застапеност на жени тренери во фудбалот. Фудбалот ми донесе многу моменти вредни за паметење, се здобив со многу нови пријателства кои траат до ден - денес.
Дали имате да дадете некој совет до сите оние кои сакаат да започнат со пишување?
Пишувањето за мене претставува несебично давање на дел од себе!
Поезијата извира од душата, затоа што за да се твори-создава потребно е да се чувствува, кратко речено да се биде човек, ранлив и постојано подложен на промените-влијанијата од ветрометот на животот.
Мојот совет до сите оние кои сакаат да започнат со пишување би бил - Препуштете се на мигот и бидете свои!
Поезијата бара искреност и постојана надоградба.
Ви посакувам многу магични моменти на инспирација и креативност.