Интервју со Чолакова Дервишов: Не смееме поради короната да го уништиме примарното здравство и неговиот концепт

Независно дали е за сезонски или за корона вирус. Матичниот доктор има премногу други обврски, прегледи, контроли, советување за промена на начин на живот, смирување панични состојби, малигнитети, проверки на крвниот притисок кај пациентите, проверки на висина на шеќер во крвта и многу други, советувања за превентивни прегледи.Затоа не смееме да го уништиме примарното здравство и неговиот концепт на работа, само затоа што има корона. Ова во денешното интервју за Скопје Инфо го вели Претседателката на здружението на приватни матични лекари, специјалист по семејна медицина, сопственик на приватна амбуланта САНОМАК, Д-р. Лилија Чолакова Дервишов.                                                                                                 

Доктор Чолакова Дервишов претседател сте на здружението на приватни матични лекари, како е да се биде матичен лекар во услови на светска пандемија во Македонија?

Помина скоро цела година како работиме во вонредни услови заради пандемијата од корона вирусот. Навистина дадовме максимум од себе како матични доктори ,за да ги услужиме нашите пациенти.Телефонот не запира од ѕвонење, пораки и порачки на вибер, месинџер, прегледи во амбуланта, закажување за ПСР тестирања ,анкетирање на позитивни ковид пациенти, менаџирање на сместување на пациенти кои имаат проблеми, кои биле дома, а мора да се хоспитализираат,скенирање и праќање на документи до Фондот за здравство за продолжување на боловање, закажување на термин за Комисија за нега од трето лице - едноставно на сите матични денот им беше мал за да постигнат да ги завршат сите обврски. Огромен број на обврски на други институции се префрлија кај матичните доктори.

Дали навремено добивавте и добивате протоколи и препораки? Со какви предизвици се соочувате од почетокот на пандемијата до денес? 

Долго време немавме протоколи, но медиумски со помош на новинарите и со помош на Лекарската комора на Македонија побаравме да имаме протоколи за лекување. Па добивме од Клиниката за пулмологија со алергологија. Но и секој пациент е различен случај, во зависност од неговите хронични болести и неговиот имунитет.

Реагиравте на одлуката, закажувањето на вакцинирање за Covid-19 да се одвива преку матичните лекари, но ставот на Министеството за здравство останува не променет. Матичните лекари преку Мој термин ќе ги закажуваат термините за вакцинирање. Како ќе ја организирата вашата работа, ако земеме во предвид дека работите и со ковид пациенти, но лекувате и сте тука за сите пациенти кои имаат други потреби од матичните лекари?

Да, навистина. Сите матични доктори имавме лоши искуства со првиот момент коgа ние требаше да закaжуваме термини за вакцинирање за сезонски грип. Беше лошо организирано, малку термини, а погoлема побарувачка и гневот нашите пациенти го истураа кон нас, кои ги лекуваме триесет години, што не е во ред. Оваа наша држава си има пунктови за вакцинирање и тие треба да си ги организираат активностите околу вакцинирањето. Независно дали е за сезонски или за корона вирус. Матичниот доктор има премногу други обврски,п регледи контроли, советување за промена на начин на живот, смирување панични состојби, малигнитети, проверки на крвниот притисок кај пациентите, проверки на висина на шеќер во крвта и многу други, советувања за превентивни прегледи....Затоа не смееме да го уништиме примарното здравство и неговиот концепт на работа само затоа што има корона. И побаравме закажувањето да биде електронски на портал како во Србија, лесно и едноставно. И сега нашите пациенти најмногу го користат овој портал вакцинација.мк за закажување. Ние едноставно немаме време за тоа.

Според вас, откако ќе пристигнат долго очекуваните вакцини, дали сме подготвени непречено и без поголеми проблеми и предизвици да се одвива вакцинирањето на ниво на целата држава?

Си има институции за да организираат набавка на вакцини. Добро би било кога нашата држава би набавила од сите видови вакцини и да може нашиот народ да си избере од кој вид вакцина би примил. Како што гледаме се касни со се, а бројот на набавени вакцини е мал и сметаме да повторно ќе има гужви и незадоволство. Имаше изминати години кога бевме лидери во електронско здравство,но сега не сме.

Доктор Чокалова Дервишов, дали вие ќе се вакцинирате? Каков е вашиот личен став за вакцините?

Јас цело време примав пациенти, не ги затворив вратите за никого. Бев во контакт со сите мои пациенти кои беа позитивни на корона, ги повикував на контрола за да ја следам нивната состојба. Сигурна сум да прележав, бидејќи во ноември една недела ги имав сите симптоми. И не планирам да се вакцинирам. Давам приоритет на хроничните болни...

За крај, товарот врз здравствените работници во целата оваа ситуација е навистина голем. Дали успевате да најдете време за себе и да се одморите од сите случувања во текот на работниот ден?

Се трудам покрај сите обврски, да имам време и за моето семејство. Дома да има секогаш добро зготвена храна, добар разговор, да сум во тек со сите случувања на мојот син. Семејството е најважната клетка на секое општество и мора сите да се потрудиме да ја сочуваме.