Интервју со Босилков: Граѓаните се уморни од политика, затоа што се сведени само на гласачи

Македонија пред нов изборен процес!

За предизборната „клима“ во општеството, како и за тоа што ќе донесат претстојните локални избори разговараме со Иво Босилков, политиколог, активист, доктор на политички науки и професор по политичка комуникација на Универзитетот во Амстердам.

Македонија пред нови избори, овој пат, локални! Кампањата неофицијално веќе со месеци е почната. Што може да очекуваат граѓаните токму во екот на кампањата? Како ја оценувате во моментов поларизираноста меѓу двете најголеми политички партии во земјава?

Граѓаните можат да го очекуваат тоа што го добиле во секоја изборна кампања досега - излитени фрази и демагогија, маркетинг спектакл со нивни пари и празни ветувања што оние кои ги даваат ниту знаат како да ги остварат, ниту пак имаат намера некогаш да пробаат да дознаат.

Изборната кампања е сама по себе економски модел, кој има една единствена цел, да ја обезбеди егзистенцијата на политичката класа и да го продолжи циклусот на привилегии и недопирливост на институционализираната елита уште четири години.

Поларизацијата е клучно оружје на партиите да успеат во оваа цел и тие стратешки ја подгреваат секои избори. Тие се апсолутно свесни дека немаат што навистина да понудат, па затоа најдобриот пристап се напади на противникот. Негативна реторика силно мобилизира бидејќи кај граѓаните се развива чувство на “да се биде или не“ и тоа води кон токсичната логика “да се спречи некој да биде на власт“ наместо да се посматра понудата рационално.

Човечката психологија така е програмирана, да се активираат емоциите кога постои перцепција на конфликт. Но тој конфликт е само илузија, партиите буквално го глумат тој конфликт пред публика. Пак ќе нагласам, ништо од ова што го гледаме не е за народот и за општеството. Се е за нив, за претставниците на партизмот да имаат повисока позиција во џунглата.

Град Скопје овој пат со повеќе претенденти за градоначалничката функција. Што тоа значи за гласачите од главниот град? Ќе имаат повеќе избор или веќе се насетува кои кандидати ќе одат во втор круг?

Прво, поголем број кандидати не значи поголем квалитет. Тоа што има голем број кандидати за мене е само индикација дека ајкулите ја намирисале крвта во водата и кружат да го зграпчат пленот. Тие луѓе не произлегле органски од народот туку се лактаат за неговото внимание, ама гласачот не треба да биде конзумер како во супермаркет што треба да избере готов производ на база на тоа кој е поблескав, туку треба сам да си го создаде.

Второ и уште поважно, градоначалничката функција како што видовме од мандатот на актуелната градоначалничка не значи ништо кога нема соработка со советот. А соработка нема бидејќи за сите нив сето тоа е игра секој против секого, како да се надмудри противникот за да се добие поголем дел од колачот наредните избори. Да се биде градоначалник е слично како претседател - формална, симболична функција која е повеќе награда за достигнување во кариерата отколку работа. Постојано се крстиме во некаков голем лидер кој ќе не води и никако да сфатиме дека самиот концепт на лидерство е проблемот. Кој ќе оди во втор круг е тотално небитно во оваа политичка констелација.

Според Вас, дали комуникацијата меѓу партиите во земјава воопшто може да се именува како „дијалог“ со оглед дека нивните преписки на дневно ниво се полни со навреди, погрдни зборови, „уличен речник“…?

Добро прашање. Тоа е суштината на популизмот и тоа што го прави атрактивен и за испраќачот и за примачот на пораката. Кај нас популизмот се разбира како некакви мегаломански политики, ама тој е всушност само комуникациска алатка која треба да демонстрира колку некој политичар е “човек од народот“, зборува на јазикот на народот, го дели и изразува неговиот гнев. Со оглед на тоа што овој комуникациски пристап е релативно нов феномен со подемот на социјалните мрежи, и според многумина морално оправдан со оглед на општествената ситуација, добива повеќе внимание и кредибилитет.

Димитар Апасиев го прави тоа исклучително умешно. Меѓутоа мораме да бидеме свесни дека ова е само комуникациска стратегија, средство за остварување некаква цел. Тоа што е дискурсот е погруб не го прави поавтентичен, баш напротив, уште е поманипулативен, бидејќи апелира на емоции. Од друга страна ние имаме и некаква претстава за политиката како арена на елити и тоа значи тие мора да имаат декорум, класа, за да бидат достојни лидери. Како што реков, лидерство е проблематичен концепт. Тоа што го гледаме е судир на традицијата и новите ветришта во комуникацијата, но според мене изборот не мора да биде или едното или другото, или вулгарност или политичка коректност. Може да се има достоинство без да се биде дипломат, и може да се биде природен без да се биде прост.

Ќе се вжешти ли реториката на етничка основа? Политичката поларизација Албанци - Македонци е повеќе од евидентна. Како ја оценувате реториката по ова прашање во јавната сфера?

Етничките односи се дамокловиот меч што секогаш виси над ова општество и баш затоа е толку лесен за инструментализирање за лични и партиски добивки. Според мене алфа и омега на секоја политика би требало да биде изградбата на мостови меѓу Македонците и Албанците, ама во реалноста го гледаме спротивното, според принципот раздели па владеј. Пак ќе кажам, тоа е за нив, за политичката класа и нивните бизнис партнери, не за Македонците и не за Албанците.

Проблемот е што оваа поделба е веќе отидена прилично далеку, повторно преку какофонијата на социјалните мрежи, кај што стереотипи се претвораат во дезинформации и обратно. Ова елитите го имаат култивирано со децении пред дигиталната експлозија, ама сега им излегуваат работите од контрола, не можат веќе тие да диктираат кога ќе има етнички тензии, па за да бидат се уште фактор и да се изборат за својата привилегирана позиција мораат да ги следат овие антагонизми и да ги потхрануваат, да се претстават како нивен предводник. Едноставно целиот политички систем е накриво концепиран, со ужасни инсентиви и никој не се обидува да му застане на патот туку само да профитира од него.

Од политиката зависи квалитетот на животот во секој сегмент, на секој еден поединец, но граѓаните како да стануваат уморни од политика и апатични. Како го оценувате вие просечниот македонски гласач?

Не го сакам и никогаш не сум го сакал поимот гласач. Моето мислење е дека баш тоа е причината што граѓаните се уморни од политика, што се сведени само на гласачи, постојано ставани во позиција да бираат меѓу лоши опции и дури и од нив пак да бидат изневерени, постојано манипулирани, отуѓени од процесот, зашеметени од информацискиот хаос. Во овој систем граѓаните се комбинација од две метафори - публика во гладијаторска арена која егзалтира на појавата на крв, или како што реков, конзумер во маркет кој бира меѓу бесконечен број производи со различно пакување а иста содржина. Нормално дека ќе бидат цинични и апатични, бидејќи политичкото битие има потенцијал да биде многу повеќе од гласач, и на граѓанинот тоа му е оневозможено. Меѓутоа целиот политички процес е одраз на економскиот поредок, ориентиран на краток рок, да се грабне нешто што побрзо, и тоа значи дека нема инсентив за никого да култивира граѓанска свест и партиципација. Тоа оди против краткорочните цели. Проблемот е што на долг рок тоа ќе им се удри од глава на партиите. Ама за тоа нека му ја мисли некој друг понатаму, нели?

Бевте дел од ЗХГ и на некој начин се разочаравте откако прерасна во партија и активно се вклучи на политичката сцена. Како, пред овие локални избори, ги оценувате независните кандидати? Колку всушност се „независни“ според Вас?

Малколм Икс има кажано на времето “само будала се бори според правилата кои непријателот му ги има поставено“. Независните го прават токму тоа. Истиот принцип, истиот модел - ние сме помалку лоши, ви ветуваме ова и она, гласајте за нас. Тука нема никаква суштинска разлика. Независни е само бренд зрел за кооптација и испразнет од значење.

Идејата за трета опција е маркетиншки трик, во овој систем нема ниту независни ниту трета опција, нема ни втора. Само е илузија на избор. Не мислам дека независните се малициозни или корумпирани луѓе, ама се наивни и без вистинска визија, и во овој институционален поредок неминовно ќе се конформираат и ќе станат корумпирани или беспомошни, како и многу пред нив вклучувајќи ги и ЗХГ. Оттаму се плашам дека нивен евентуален мал краткорочен успех ќе биде фатаморгана - само ќе создаде уште една надеж која ќе биде изневерена и ќе не заглиби уште подлабоко на долг рок. Мораме да чекаме на вистинска, длабока и издржана антисистемска платформа. До тогаш, апстинирање од учество во изборниот процес за мене е единствената опција.