Интервју со Бојан Манчевски, спортист и дел од тимот на „Вега“: Квалитетот, константноста и професионализмот се клучот за успехот

Бојан Манчевски веќе 18 години активно е во спортот. Девет години бил карате-репрезентативец, пет години тренирал бразилска џиу-џица, а последните четири години е посветен на кросфит. Надвор од редовните тренинзи, како хоби ги практикува трчањето, планинското трчање, велосипедизмот и, како што самиот вели, сè што носи адреналин.

За него спортот одамна не е само физичка активност, туку начин на живот, дисциплина и простор за ментален баланс. Како дел од тимот на „Вега“, Манчевски одблиску ги следи и навиките поврзани со здравата исхрана и промените во односот на младите кон храната, тренингот и активниот живот.

Со него разговараме за преминот од боречки вештини кон кросфит, за тоа колку резултатот се гради во сала, а колку во кујна, но и за „Вега“ како бренд кој со години е дел од урбаната култура на здрава исхрана во Скопје.

Кросфитот е спорт на сила, дисциплина и постојано поместување на сопствените граници. Што те привлече кон него и како те промени, физички и ментално?

Активен спортист сум веќе 18 години. Започнав како карате-репрезентативец, девет години, потоа продолжив со бразилска џиу-џица уште пет години, а кросфитот беше нешто што го привлече моето внимание по боречките вештини.

Различен допамин, различна подготовка, сплет на дисциплини и поместувањето на сопствените граници, како што напомена, е она што те мотивира да бидеш уште поспремен и помотивиран за нови успеси и комплексни движења.

Со самото тоа доаѓа и еден мир во главата, каде што сите проблеми се тргнати настрана, а најголемиот проблем е тегот пред тебе, кој треба да го кренеш можеби и 50 пати. Физичкиот изглед за мене секогаш бил бонус од менталниот мир.

Кога тренингот станува дел од секојдневието, се менува и односот кон храната. Колку за тебе резултатот се гради во сала, а колку во кујна, и кои се твоите правила за добра енергија и опоравување?

Кога ќе се посветиш на тренинг малку посериозно од секојдневната рекреација, сфаќаш дека секој оброк е подеднакво значаен за долгорочните успеси.

Се водам по принципот 80% – 20%. Тие 20% се онаа резерва што гледам да ја сведам на минимум и малку да се опуштам со храната, а тренингот е незаменлив. Релацијата е взаемна и мора подеднакво да се внимава на двете.

Најчесто се водам од тоа храната да биде што поедноставна, а зависно од потребите, да се дозираат хидратите и протеините. Но, здравата исхрана, во секој случај, е клучот за добра енергија.

Дел си од тимот на „Вега“, препознатлив урбан бренд кој со години ја гради културата на здрава исхрана во Скопје. Што стои зад филозофијата на „Вега“ и зошто мислиш дека брендот стана толку близок до скопскиот начин на живот?

„Вега“ стана начин на живот, бренд кој е добра опција за секого, независно од целта што некој сака да ја постигне. „Вега“ е сигурен избор.

Нема филозофија или тајна – квалитетот, константноста и професионализмот се клучот за успехот. Сто проценти посветеност и резултатот е видлив.

Здравата храна одамна не е само симбол за луѓе на строг режим. Што денес најмногу бараат купувачите во „Вега“, кои производи се најпопуларни, а кои особено ги избираат луѓето што активно спортуваат?

Чиата е она што доминира. Ако ме прашувате зошто, одговорот е едноставен – добар избор е за секого, без разлика дали сме спортисти или не, дали слабееме или качуваме мускулна маса. Таа е идеален оброк.

Спортистите се оние на кои им е значаен внесот на протеин, па често нивните чиа-оброци се збогатени со некој грам протеин повеќе.

„Вега“ е присутна на скопската сцена уште од 2014 година, во време кога здравата храна беше многу помала ниша. Колку се променија навиките на скопјани оттогаш и дали здравиот избор денес веќе стана дел од урбаниот lifestyle?

Да, за разлика од минатото, свесноста на скопјани е многу поголема. Сè почесто луѓето внимателно ги избираат своите оброци, внимаваат што внесуваат и тоа ме радува.

Свесноста е на многу повисоко ниво и се надевам дека ќе продолжи да расте.

Чиа, гранола, смути и протеински оброци денес се дел од секојдневието на многу млади луѓе. Што мислиш дека е тој „Вега момент“ поради кој луѓето повторно се враќаат – вкусот, квалитетот, навиката или целата филозофија што стои зад брендот?

Како што напоменавме и претходно, принципот на работа е повеќе од јасен. Квалитетно одбраните состојки за кој било производ го градат незаменливиот вкус, вкусниот производ создава навика, а самата таа навика носи позитивни резултати, па изборот е едноставен.

Брендот гради приказна со која квалитетот станува навика.