Македонија има голем туристички потенцијал, но трендовите во туризмот се динамични, па така мора да се размислува за нови алтернативни форми на туризмот. На земјава ѝ треба брендирање со цел ширум светот да биде препознаена од туристите како уникатна дестинација. Сето ова го констатира и новата директорка на Агенција за промоција и поддршка на туризмот Билјана Стефаноска.
Како што вели на почетокот на својата директорска функција, заложбите ќе бидат токму во оваа насока, земјава да биде посакувана туристичка дестинација која ќе понуди автентични искуства, сплотување со локалното население, рекреација во природа, истражување на културното наследство и учење за историјата и традицијата на регионот.
Повеќе на темава разговараме со Стефаноска:
Од неодмна сте на функцијата директорка на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Како ја оценувате моменталната состојба со туризмот во земјава? Кои се предизвиците со кои ќе треба да се соочите во претстојниот период?
Туризмот во земјава е во континуиран раст. Во периодот јануари – јули годинава во однос на истиот период лани, бројот на домашните и странските туристи е зголемен за 8,7 отсто, при што кај странските има зголемување за 13,7 проценти. Бројот, пак, на ноќевања е зголемен за 6,1 отсто, кај домашните туристи за 2,7, а кај странските за 9,7 проценти.
Но, земјава треба да се етаблира како дестинација со уникатен бренд идентитет. Во тоа ќе мора да инвестираме, но ќе мора и посветено да работиме зашто е од круцијално значење и основа за туристичка промоција. Брендирањето е процес на идентификување, изработка и негување на уникатниот идентитет на туристичките региони и дестинации кои ќе ја разликуваат од нејзините конкуренти.
Во таа насока, ќе се унапредува културниот, транзитниот и руралниот туризам, етнотуризмот, планинскиот туризам и другите алтернативни форми на туризам со цел создавање услови за порамномерен и одржлив развој на дестинациите. Во иднина, една од нашите примарни задачи е да ја унапредуваме дестинацијата преку маркетинг на дестинацијата од една страна, односно преку делотворни маркетинг политики да го зголемуваме туристичкиот промет генериран од земјите во регионот, понатаму да го зголемиме туристичкиот промет од другите традиционални пазари како Холандија, Полска, Турција, но и да отвориме нови пазари.
Понудата и промоцијата мора да се следат во чекор и да одат рака за рака, од друга страна како паралелен процес и секако дел од нашите примарни задачи претставува и проширувањето и развој на понудата.
Охрид и Скопје се веќе етаблирани туристички дестинации посетени од голем број домашни и странски туристи. Што ќе превземе Агенцијата во однос на промоција и развој на туризмот во останатите дестинации со потенцијал во земјава?
Имаме предизвици и планираните активности зависат од буџетските средства, но во периодот што следува со ресурсите што ги имаме ќе го извлечеме максимумот за туристички раст и развој.
Целта е создавање конкурентна туристичка дестинација, која располага со атрактивни и уникатни ресурси кои треба да се стават во активна функција на туризмот. Ќе се залагам за изработка на национална стратегија за туризам во која треба да се дефинира идната визија за туризмот, стратешки цели, стратегија за маркетинг и брендирање, типови на туризам и зони со најголем потенцијал за развој на туризмот во Македонија. Ваквата стратегија треба да ги утврди и целите и да ги проектира насоките и активностите кои треба да се превземат со цел дефинирање на следните чекори кон каде треба да се движиме и што треба да создаваме. Колку побрзо ќе ја направиме и истата ќе биде во консолидација со целиот туристички сектор, толку подобро ќе имаме по што да постапуваме во годините што следат.
Препознатлива и одржлива дестинација со јасна туристичка цел е добра појдовна точка за определување на визијата на која ќе се фокусираат активностите на Агенцијата за туризам. Создавање на конкурентна туристичка понуда надополнета со иновативни и креативни маркетинг активности ќе придонесе за квалитативен раст на туризмот.
Сметате ли дека цените на туристичките аранжмани за во земјава се соодветни за странските туристи?
Квантитетот на туристи, не значи и квалитет. Односно, за да останат туристите еден ден повеќе и да се зголеми цената на аранжманите потребна е нова туристичка понуда преку создавање на нови туристички производи и подобрување на услугата.
Не ни е потребен масовен туризам, туку нови алтернативни форми на туризам кои може да придонесат кон подобрување на квалитетот на услугите и продолжување на туристичката сезона. Со тоа, Македонија би можела да привлече посетители кои се во потрага по автентични искуства, сплотување со локалното население, рекреација во природа, истражување на културното наследство и учење за историјата и традицијата на регионот. Ова не само што ќе обезбеди поголем економски бенефит за локалната заедница, туку и ќе ја заштити уникатноста на дестинациите.
Според искуствата од други дестинации, алтернативниот туризам може да биде клучен за одржливиот развој. Тој овозможува поголем дел од приходите да останат во локалната економија, додека истовремено ги заштитува природните и културните вредности.
Во светот се развиваат секакви форми на туризам, од вело-туризам, еко-туризам, вински туризам... Каде може да ја рангирате тука Македонија? Во кои сфери има потенцијал?
Иднината на македонскиот туризам е развојот на културниот туризам, транзитниот туризам, еко-туризмот и промоција на одржливото и одговорното патување, како и заштита на животната средина и културното наследство. Како што овие форми на туризам добиваат на важност низ целиот свет, посветеноста на нашата земја во нивен развојот на како и зачувување на нашите културни и природни богатства ќе ја позиционира Македонија како барана дестинација за одговорно патување.
Важен аспект во развојот на културниот, транзитниот и еко-туризмот во Македонија е едукација и јакнење и подигање на свеста на сите чинители во рамките на дестинациите за важноста и придобивките од одржливите културни и зелени дестинации. Исто така неопходна е и едукацијата на туристите за значењето на одговорно патување. Со тоа патниците се охрабруваат да ги почитуваат културните обележја, да ја почитуваат и чуваат животната средина и животот на локалната заедница. Секако дека поради сето тоа еко туризмот претставува поодговорна и посовесна форма на туризам бидејќи една од нејзините цели е и одржување на рамнотежа помеѓу масовноста во туризмот и одржување на чистата животна средина.
Сметате ли дека има соодветни казни за оние туристички работници кои нефер печалат на грбот на странските туристи. Кој е вашиот апел за ова?
Потребана е туристичка инспекција, функционирањето на ваква институција ќе придонесе за елиминирање на сивата економија, која, според проценките на здруженијата, одзема околу 40 проценти од работата.
Државјаните на Македонија и странските државјани, таксата за привремен престој ја плаќаат во износ од 40,00 денари дневно. Но, реалноста е поинаква. Анализата покажа нелојална конкуренција во однос на сите кои легално ги регистрирале своите капацитети, не поседување книги за домашни и странски гости, гостите не се евидентираат во Министерството за внатрешни работи, не плаќаат туристичка такса, не се издаваат фискални сметки.
Потребна е координација и законски измени, како и преземање активности за регистрирање и евиденција на физички лица кои нудат услуги за сместување, согласно со Законот за угостителска дејност, како и воведување ред во евиденцијата на гостите кои престојуваат во овие сместувачки капацитети. Средства кои се влеваат во општинската каса по основ на туристичка такса ќе се реинвестираат во општината, за збогатување на туристичката понуда и да привлечеме повеќе посетители.