Интервју со Ана Шутиноска: Радиото е друштво, сите сакаме денот да ни почне со едно искрено „добро утро“

Пред Скопје целосно да се разбуди, постои еден глас што со години е дел од утрата на илјадници луѓе. Како долгогодишен член на тимот на Антена 5, Ана Шутиноска повеќе од две децении е едно од најпрепознатливите радиолица во Македонија, а летово и водителка на фестивалот „Охридско лето“. Во разговор за Скопје Инфо зборуваме за магијата на скопските утра, довербата што се гради преку радиото, навиките што нè обликуваат, промените во медиумите и малите моменти што ѝ помагаат да го пронајде балансот помеѓу професионалниот и приватниот живот.

Вие сте глас што многумина го слушаат додека Скопје се буди. Какво е Скопје во летните утра, пред да стане гласно, жешко и забрзано, и кои три песни би биле неговиот утрински саундтрак?

Летните утра во Скопје имаат едно кратко, речиси магично време кога градот е мирен. Тоа е оној редок дел од денот кога Скопје сè уште не се обидува да стигне никаде. Градот дише поспоро, а луѓето сè уште имаат простор за една добра песна и едно искрено „добро утро“.

Ако треба да има саундтрак, би бил разновиден како и самиот град. „Drive“ од David Guetta и Black Coffee секогаш ме потсетува на оние мирни километри пред да почне лудилото на денот. Потоа би ја избрала „Here Comes the Sun“ од The Beatles, затоа што носи надеж и леснотија, а „Lovely Day“ од Bill Withers е потсетник дека понекогаш е доволно само да одлучиш дека денот ќе биде добар.

Како човек што секое утро влегува во домовите, автомобилите и навиките на слушателите, каква одговорност носи тоа да будите и расонувате голем број луѓе, и што научивте за нив од начинот на кој го почнуваат денот?

Тоа е привилегија, но и голема одговорност. Луѓето наутро се најискрени, сè уште не ги ставиле сите дневни улоги. Некој оди на работа со возбуда, некој со грижа, а некој едноставно сака мир додека вози.

Затоа никогаш не сум го сфаќала радиото само како пренесување информации или пуштање музика. Радиото е друштво. Верувам дека водителот не треба да му ја одзема енергијата на слушателот, туку да му ја врати. А она што најмногу го научив е дека, без разлика колку сме различни, сите сакаме денот да ни почне со чувство дека некој искрено ни посакал добро утро.

Повеќе од две децении сте дел од медиумите и радиото. Што најмногу се промени во начинот на кој луѓето слушаат, зборуваат и реагираат на она што го слушаат?

Денес информациите се достапни за неколку секунди, но вниманието стана најважната валута. Порано луѓето имаа повеќе трпение да слушаат, а денес реагираат многу побрзо, без разлика дали позитивно или негативно.

Токму затоа мислам дека довербата никогаш не била поважна. Во време кога секој може да зборува, најголема вредност има оној што знае да провери, да одмери и да зборува одговорно. Верувам дека затоа радиото и понатаму има свое место, затоа што зад микрофонот стои човек, а не алгоритам.

Антена 5 повеќе од две децении е дел од секојдневието на многу генерации. Што значи да се биде глас на радио кое не е само медиум, туку навика, ритам и дел од културата на живеење?

За мене тоа е чест. Има луѓе кои пораснале со Антена 5, а денес нивните деца нè слушаат на пат кон училиште. Тоа е ретка привилегија.

Антена 5 отсекогаш била повеќе од радио. Таа е чувство, музика што ги обележала животните моменти на многу генерации и место каде слушателите секогаш знаат што ќе добијат: добра музика, позитивна енергија и искрена комуникација. Да бидеш дел од тоа значи секое утро да ја оправдаш довербата што ти ја дале.

Утринската програма бара енергија, брзина и ведрина, додека „Охридско лето“ носи свеченост и сцена. Каде сте повеќе „Ана“, зад микрофонот во студио или пред публика на фестивалска сцена?

Мислам дека сум иста Ана, само во различен ритам.

Во радиото сум спонтана, непосредна и разговарам како со пријател.

На фестивалска сцена сум посмирена, посвечена и многу посвесна за тежината на моментот. Но и во двата случаи најважно ми е да бидам автентична. Никогаш не сум сакала да бидам совршена пред луѓето. Сакам да бидам присутна. Верувам дека публиката не ја памети само програмата што сте ја воделе, туку и чувството што сте им го оставиле.

Кога ќе се изгасат микрофонот и светлата на сцената, што е она што приватно најмногу ве враќа во баланс и ви дава енергија за нов ден?

Сопругот и моите две прекрасни деца. Со нив сè се враќа во нормала многу брзо. Децата имаат неверојатна способност да ве потсетат што е навистина важно.

Ме полнат и утрата покрај езерото во Охрид, доброто кафе и книгите.

Со годините сфатив дека балансот не се наоѓа, туку свесно се гради. Од мали ритуали, преку луѓето што ги сакаш, па сè до способноста, барем накратко, да го исклучиш светот и да се вратиш на себе.