
Статистките за родово базирано и семејно насилство во земјава се аларманти! Последниот во низата горчливи случаи кој ја шокираше македонската јавноста беше случајот во Тафталиџе каде трагично настрадаа мајката Ивана и 6-годишната Катја. Прашањата и натаму „висат во водух“. Има ли решение за овој проблем со семејно насилство кој станува сѐ посеризоен.
Адвокатка Билјана Андонова, специјализирана за случаи од родово базирано и семејно насилство, Семејното и родово базирано насилство е присутно во континуитет, но често останува недоволно пријавено поради страв, недоверба во институциите или економска зависност на жртвите, а воедно тука е и слабата меѓуинституционална (мултисекторска) соработка.
За правните механизми за заштита на жртвите, дали потешко се докажува психичкото насилство и колку видео-снимките може да послужат како докази во постапката, насилството врз возрасните родители, децата при разводот, и други тесно поврзани прашања... разговараме од стручен аспект со адвокатката Андонова.
По случајот во скопско Тафталиџе, во кој трагично настарадаа мајка и 6-годишно дете, се покрена прашањето за соодветна заштита на жените жртви на семејно насилство. Според вашето искуство, колку овој проблем е голем и горчлив во земјава? Имате ли многу случаи со ваква проблематика на кои сте работеле во кариерата?
Како адвокатка која долги години застапува жени жртви на родово-базирано и семејно насилство и како надворешен соработник во невладина организација ЕХО Штип, можам слободно да кажам дека сме имале бројни случаи на жени жртви на семејно и родово базирано насилство, а објавените статистики говорат дека моментално нашата држава се соочува со голем број на насилници и насилството преставува сериозен општествен проблем, со што повторно се отвара прашањето за ефикасноста на системот за заштита на жените.
Семејното и родово базирано насилство е присутно во континуитет, но често останува недоволно пријавено поради страв, недоверба во институциите или економска зависност на жртвите, а воедно тука е и слабата меѓуинституционална (мултисекторска) соработка.
Во мојата професионална пракса сум работела на повеќе случаи поврзани со семејно насилство и родово базирано насилство со што морам да истакнам дека сме помогнале на многу жени да добијат правна заштита и правда, и тоа не само како санкција за насилникот, туку и да се ојакнат и да соберат храброст да најдат излез од насилната средина.
Според ваша стручна проценка каква казна ќе добие насилникот Стојанче Јовановски за кој Обвинителството покрена постапка за неколку кривични дела?
Според објавените информации од официјалните соопштенија од МВР и Основното јавно обвинителство обвинетиот Стојанче се товари за три крични дела, а доколку се земе во предвид дека станува збор за низа дејствија кои биле вршени во континуитет кон жртвата Ивана која во однос на него се наогала во положба на фактичка и егзистенцијална зависност и подреденост, а ако се земе во предвид и фактот дека обвинетиот издејствувал сега починатата Ивана со договор за дар да му го отстапи својот дел од станот во кој живееле заедно со малолетното дете, а дека насилничките дејствија оттогаш се засилиле и станале доминантни, по што истата, слушнавме дека била континуирано психички и физички малтретирана и се наоѓала во безизлезна ситуација, станувало збор за сурово и нечовечко постапување во континуитет, очекувано е судот да изрече максимална казна за секое одделно кривично дело во рамки на пропишаните казни.
Особено судот треба да ги има во предвид отежнителните околности, како и фактот дека насилството е извршено врз жена, што дава за право да се изрече најстрога казна, а кое нешто е пропишано во Истанбулската конвенција која е ратификувана кај нас.
Судот е врзан со пропишаната максимална казна, а за кривичното дело наведување на самоубиство и помагање при самоубиство како масимална казна е пропишан затвор од 10 години, а за другите дела затвор до 5 години.
Од особена важност е улогата на адвокатот при бракоразводниот процес. Што и колку може да придонесе, да докаже и да издејствва соодветен адвокат во случај на семејно насилство?
Улогата на адвокатите во семејните процеси можам слободно да кажам дека е од исклучително значење. Овде треба да се разграничи бракоразводна постапка и постапка за семејно насилство кои се две различни постапки, но некогаш многу испреплетени, и често причината за развод е толку претрпено семејно насилство.
Во конкретните постапки адвокатот не само што помага и го води процесот и постапката, туку има и клучна улога во собирање на доказите како и навремено користење на сите механизми и законски решенија и правилни насоки.
Во пракса најчесто исходот на постапката зависи од тоа колку жртвата е правилно насочена и правно поддржана. Адвокатот има клучна и најзначајна улога и во поднесување на пријави, барања за изрекување на итни мерки за заштита, комуникација со институциите и целосна имплементација на пропишаните законски решенија во пракса.
Клучна пред сѐ е навремената превенција.
Дали потешко се докажува психичкото насилство? Често прашање кое ги мачи жените жртви е колку видео-снимка со телефон може да биде доказ во судска постапка?
Во пракса докажувањето на психичкото насилство поради својата природа во споредба со физичкото насилство е потешко за докажување, бидејќи не остава видливи траги, иако последиците во душата на жртвата и нејзиното психичко здравје се многу пострашни од видливите траги, на пример модринки и сл., но сепак тоа не значи дека психичкото насилство не може да се докаже, секако дека се докажува и во пракса се сѐ почести случаите на пријавување на психичко насилство, кое исто така се третира како телесна повреда.
Што се однесува до видео-снимката како доказ и нејзиното користење морам да потенцирам дека нивната употреба како доказно средство е условена и нејзиното користење треба да се услови од тоа како таа снимка е стекната и на кој начин е прибавена, и тука треба особено да се внимава, бидејќи постои кривично дело неовластено снимање. Но, некои видео записи кои што постојат во телефон или некој друг уред, можат да бидат добра индиција за постоење на некое кривично дело или индиции кои упатуваат на сторителот.
Сведочиме дека се покренува и јавната свест за пријавување на случаи на семејно насилство во околината. Како ја оценувате состојбата сега, имаат ли храброст Македонците да пријават вакви случаи и како и колку се заштитени како пријавувачи?
Самите статистички податоци на бројките на пријавени случаи на семејно насилство кои и минатата и оваа година, иако сме на самиот почеток, се огромни и јасно зборуваат и за огромниот број на вакви случаи, а и за храброста на жртвите да не молчат и да пријават насилство. Слободно можам да кажам дека во нашата држава постои добра регулатива која им дава правна заштита на жртвите и ги охрабрувам да не молчат и да го пријават насилството затоа што излез од насилната средина постои и е возможен.
Што кога децата се најголеми жртви во нарушените односи меѓу сопружниците. Како може да се заштитат децата од правен аспект?
Децата можат да бидат директни или индиректни жртви на семејно насилство и да бидат изложени на нарушени односи и комуникација помеѓу родителите, а нивната заштита треба да биде приоритет од највисок ранг.
Нашето законодавство предвидува повеќе мерки за нивна заштита, но клучен е интересот на детето кој секогаш мора да биде на прво место. Такви мерки се забрана за приближување или контакт со насилникот, привремено доверување на детето на едниот родител, или одземање на родителско право, забрана или ограничување на контактите со сторителот, а посебно сакам да потенцирам дека доколку постојат сериозни причини и видувањата и средбите помегу детето и родителот со кој детето не живее може да се определат да бидат под надзор на стручни лица при Центарот за социјални работи.
Во овие постапки клучна е улогата на стручни лица од ЦСР - психолози и социјални работници кои се должни да постапуваат со должно внимание правилно да проценат ризик, а се со цел да се донесе одлука која што е најдобар интерес на детето.
Во последно време и се повеќе повозрасни родители во полиција пријавуваат насилство од страна на сопствените возрасни деца. Дали тука има основа за кривичен прогон, мерки за неприближување, лишување од наследство …?
Одлично и многу актуелно прашање. За жал сѐ почести се ваквите пријави, односно сѐ почесто повозрасни родители пријавуваат насилство од страна на своите возрасни деца, и во вакви случаи постои основа и за кривичен прогон и за семејно насилство, бидејќи семејното насилство не е условено со возраста, ниту на жртвата, ниту на сторителот.
Судот може да ги изрече сите мерки кои може да се изречат за заштита од семејно насилство и тоа како отстранување на сторителот од домот, лекување на сторителот, забрани за приближување, забрани за малтретирање и вознемирување и сл, а однесувањето на сторителот може да биде причина за раскинување на евентуално склучен догвор за дар поради крајна неблагодарност и слично, но тоа се посебни правни прашања кои се докажуваат во друга постапка.
Исто е и со институтот лишување од наследство, кое нешто се докажува во друга постапка, како тешко нарушување на односите или недостојност за наследување. Но, сакам да нагласам дека нашиот закон зе наследување е многу стар и сметам дека треба да претрпи измени и да се усогласи и со новите трендови.
Имате ли некој случаи за родово базирано насилство кој „сте го извојувале“ како адвокатка и сте особено горди на тоа?
Иако имам многу случаи на кои сум особено горда, и не можам да не бидам горда на секоја една заштитена жена, на секоја една пружена правна помош, превенција и заштита што сме ја обезбедиле, што е најголема сатисфакција и мотив да продолжиме во борбата, но секогаш кога ќе ми го постават ова прашање неможам, а да не го издвојам случајот на родово- базирано насилство кое го работевме заедно со ЕХО - невладина организација од Штип, кој беше позитивен пример како изгледа една добро развиена мултисекторска соработка помегу ЦСР, МВР, ОЈО, суд, поддршка на жртвата, нејзина заштита како во постапката да се спречи нејзина дополнителна виктимизација, така и во брзината на судската постапка, која заврши со правосилна осудителна одлука во која сторителите добија по 2,5 години ефективна казна затвор, што до тој случај праксата беше или неказнивост или условни казни, и сторителите веднаш од притвор продолжија на издржување на казната затвор, а одлуката на судот содржеше доста добро образложение, користејќи ги елементите на родово базирано насилство, како и особено отежнителните околности за изрекување на повисока казна пропишани во Истанбулската конвенција .
Посебно сакам да напоменам дека иако случајот беше и се водеше пред да влезат во сила измените на Кривичниот законик сепак покажавме дека правда и ефикасност постојат и со овие моментално законскии решенија кои постојат, но клучна за тоа е значајната мултисекторска соработка, која ја има клучната улога за успех.