Интервју д-р Александар Трајановски, директор на ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ: Во ек на пандемија тимот на Kлиниката за трауматологија и ортопедски болести испишува историја

Во денешното интервју на Скопјеинфо разговараме со директорот на ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ, кој неодамна ја презема функцијата. По историскиот чин на донирање органи од младата почината девојка, во оваа прилика со др. Трајановски разговараме за испишувањето историја во оваа област, “новото нормално” и предизвиците во оваа област

Доктор Трајановски, за прв пат во историјата на Клиниката за Ортопедски болести се изврши експлантација на коски и меки ткива од донор, а деновиве се очекува да биде изведена и првата кадаверична трансплантација на пациент со метастаза од карцином на бубрег, какво е чувството да се биде на чело на тимот, кој што испишува историја во ортопедијата во нашата држава?

Лично за мене претставува предизвик и чест да се биде дел од испишувањето на една нова приказна, која што ќе отвори нови можности за лекување на пациентите со онколошки заболувања на локомоторниот систем, како и пациенти со промени на тетиви,спортски и други типови на повреди. За сега се знае дека дел од здравото коскено ткиво ќе добие пациент со местастаза на коска, а другиот дел ќе се чува во посебни услови и допрва ќе се утврдува кои пациенти би добиле заменски коски на овој начин. Викендот зад нас бевме сведоци на историски чин на дарување органи од за жал прерано почината млада пациентка чии што органи ќе даруваат живот на многу наши пациенти. Храбрите одлуки на ожалостеното семејство некого даруваат со надеж за живот. Благодарни за ваквите одлуки на семејствата кои даруваат органи, да се надеваме дека ќе се поткрене свеста за тој процес.

Огромна благодарност упатувам до Министерот за здравство Венко Филипче чијашто поддршка во овој период беше незаменлива, Министерството за здравство целосно го поддржа тоа што ние го нарековме историја во македонското здравство. Благодарност и честитки до сите колеги кои изминатиов викенд имаа успешни процеси на експлантација и трансплантација на донираните огани.

Упатувам еден апел до јавноста за поголем замав на овие хумани работи. Дарувањето на органи е највисок акт на хуманост, со дарувањето на органи се даруваат нови животи.

Доктор Трајановски, неминовно е интервјуто да го започнеме со прашање поврзано со ситуацијата во која се наоѓаме веќе една година. Од неодамна дел од хируршките одделенија со кои раководите за прв пат станаа Kовид оддели. Како е во моментот ситуацијата со ковид пациенти на ТОАРИЛУЦ?

Јас би започнал оптимистички..., да се надеваме дека наскоро ќе излеземе како победници од оваа борба која трае година дена и тотално ја промени нормалноста на која бевме навикнати.

Што се однесува на моменталната состојба на клиниката,  извршена е пренамена на делот за Трауматологија, кој сметавме дека е најадекватен за да послужи како ковид центар, на располагање тука ни се 30 болнички кревети и на клиниката до овој момент сместени се 30 пациенти за кои се грижиме. Дел од нив имаат развиено потешка клиничка слика и истите се зависни од кислородна поддршка, за жал имаме и пациенти  поставени на респираторна машина.

Просторот кој го пренаменивме е целосно опремен за пациентите кои ги примаме и имаме доволен број на медициски персонал кој успешно го менаџираме. Направивме посебни влезови со кој го ограничивме движењето како и поделба по зони, за полесен пристап и организација.

Докторе, сведоци сме дека граѓаните живеат постојано во страв. Од една страна поради ситуацијата со пандемијата, а од друга страна голема е и загриженоста дека доколку дојде до потреба да побараат лекарска помош поради друга причина истата нема да ја добијат. Како функционира ТОАРИЛУЦ од почетокот на пандемијата до денес? Дали сите пациенти кои имаат потреба да се јават на вашата клиника ја добиваат потребната здравствена нега/услуга?

Реален и нормален е стравот кој го чувствуваме сите моментално, ни најмалку не е пријатна сликата која ја имаме со пандемијата, но секојдневно се бориме да дадеме лекарска помош на секој еден пациент кој дошол на нашата клиника.

На ТОАРИЛУЦ, моментално се одвиваат сите тековни операции кои ги водиме како итни и кои не може да им се направи одлагање.

Сите операции се извршуваат во салите на Трауматологија, додека пациентите ни се сместени на Клиниката за ортопедија.

Се завршуваат сите Ортопедски операции на пациентите кои се со малигни заболувања, пациенти од детска патологија и тие што имаат потреба од оперативен третман. Нема застој во работата кај пациентите со малигни болести зошто на нив тоа им е најпотребно.

Притисокот врз здравствениот систем и  медицинскиот кадар е огромен. Направена е целосна мобилизација на сите здравствени работници, до кога ќе биде издржливо ова темпо за вас?

Напливот од пациенти на кои треба да им се даде лекарска грижа од ден на ден е поголем, но можам да кажам дека заедно со мене работи еден прекрасен тим на кој сум му многу благодарен. Тим од стручни доктори, анестезиолози, медицински сестри и целокупен медицински персонал кои деноноќно и неуморно се борат со заеднички сили.

На нашата клиника во моментов имаме доктори и медицински сестри кои се ротираат, сите се добро обучени за грижата која ја даваме на пациентите и засега одлично се снаоѓаме со настанатата состојба.

Како Здравствени работници свесни сме дека најголемиот товар од оваа пандемија падна на нашиот грб и на целокупниот здравствен систем, темпото е брзо бара целосна посветеност, максимална ангажираност, но не сме сами,  поддршката која меѓусебно си ја даваме, желбата за што поскоро да можеме да ги затвориме ковид центрите на нашите клиники е онаа најсилна мотивација која секојдневно не движи.

Која е вашата генерална оценка за досегашното справување со вирусот во нашата држава? Дали покажавме добра подготвеност или се изгубивме некаде под силниот притисок и големата моќ на вирусот?

Ковид пандемијата на светско ниво го разјаде јадрото на здравствениот систем. Сведоци сме на состојби во кои многу земји ја губат битката со короната, погледнете ги статистиките од соседството и подалеку на Балканот, па и во светски рамки сведоци сме на колабирање на многу организирани здравствени системи.

Нашиот здравствен систем во овие услови на пандемија е стабилен, покажуваме голема спремност иако вирусот, а особено овој бран кој не нападна во последните два месеци е премногу тешко да се менаџира.

Се превемаа мерки кои даваат резултати и кој го заштитија здравствениот систем од негово колабирање, стигнавме до бројка од близу 30 000 граѓани кои се вакцинирани, процесот продолжува и понатаму, опаѓа бројката на ново заболени, расте бројка на оздравени лица и се намалува притисокот кон болниците.

Клиниките добиваат огромна поддршка од Министерството за здравство и сето тоа е добро изменаџирано, ние директорите на клиниките каде се отворија ковид центрите сме постојано во координација со Министерот за здравство и состојбата се следи секој ден.

Мерките кои се донесоа даваат резултат, но сите треба да се придржуваме до истите за да го надминеме епидемиолошкиот бран кој ја зафати нашата земја, па дури и оние лица кои што веќе примиле вакцина.

Кој е најголемиот предизвик со кој се соочивте или се соочувате на вашето работно место во време на оваа голема светска здравствена пандемија?

Секој нов ден за нас е голем предизвик, да се менаџира со ограничените болнички и човечки  ресурси во услови на пандемија не е ни најмалку едноставно.

Огромна е одговорноста спасувајќи човечки животи и давајќи грижа на секој еден пациент.

Оваа пандемија би рекол дека не го застана, но го успори нормалното функционирање на нашиот здравствен систем.

Отворањето  на ковид центрите во клиниките побара од нас целосна пренамена и адаптација далеку од нашето секојдневие. Моравме дополнително да се обучиме како медицински персонал и максимално да се вложиме во целиот тој процес.

Од неодамна на нашата клиника започна процес на реновирање на делот на клиниката за Ортопедија, тоа беше процес кој започнав да го планирам неколку месеци по застанување на чело на клиниката и истиот се остварува онака како што и замисливме. Досега во фаза на реновирање е еден блок од болничкиот стационар на ортопедија, а продолжуваме со реновирање и  на операционите сали. Моментално на нашата клиника се работи под полна пареа и ниту еден процес на лекување пациенти не е застанат, а предизвикот да се изменаџираат сите тие процеси навистина е преголем, но не застануваме. 

Доктор Трајановски дали се вакциниравте, кој е вашиот личен став околу вакцинирањето против Covid- 19?

Секојдневната работа со пациенти и несебичното давање на лекарска помош, нас докторите не, не направи имуни на корона вирусот. Корона вирусот го прележав за среќа без дополнителни последици од истиот, и секако ќе се вакцинирам во најскоро време, согласно препораките.

Упатувам апел до сите граѓани да се вакцинираат.Многу е важно да го поддржиме процесот  на вакцинација  знаејќи дека е тоа единствениот начин да се стави крај на пандемијата.

Од ваша гледна точка, како новото “нормално” и овој нов начин на живот под маски ќе се одрази долгорочно на живеењето на сите нас?

За жал ни се наметнаа услови кој едноставно мора да ги прифатиме, и да бидеме општествено повеќе одговорни првенствено грижејќи се за себе, а така и за сите во нашето опкружување.

Животот “под маски” ќе го имаме на подолг период додека не се вратат работите во нормалата.

Во овие моменти со кој се соочуваме битно е да си дадеме искрена поддршка едни на други, сите носиме голема тага во себе, сите сочувствуваме со оние кои за жал изгубија блиски роднини, пријатели, познаници.

Вашите пациенти за вас имаат само пофални зборови, и во услови кога сте под голем пристисок пред се како доктор но и како раководител на еден голем и многу значаен дел од целокупниот здравствен систем, достапен сте за секој на кој му треба лекарска грижа. Од каде ја црпите енергија, дали успевате да најдете време за себе и да се одморите од сите случувања во текот на долгиот работен ден?

Да се менаџира значаен дел од здравствениот систем ни најмалку не е едноставно, дополнително со предизвикот пред кои сме исправени се бара премногу посветеност.

Како доктор, но пред се како човек секогаш сум достапен за секој кој побарал помош. Едноставно кога ќе слушнете пофални зборови, кога ќе успеете да ја видите искрената благодарност од вашите пациенти знаете дека чекорите по вистинскиот пат.

За нас докторите, животот на пациентите е на прво место и за тоа нема компромис. Доследно  и понатаму останувам достапен за секој на кој му е потребна мојата помош. Енергијата и начинот на живот значително ми се променија последниот период. Во целиот тој наплив на премногу обврски, својата енергија успевам да ја црпам од луѓето кои ми значат, ми даваат безрезервна поддршка и имаат посебно место во мојот живот.