Интерпол вклучен во потрагата: Украден Пикасо во Скопје

Ова е најславната кражба која некогаш се случила во Скопје. Настаните се одвиваа како на филм, а деталите од таа кражба во нашата јавност се малку познати. Во потрагата по исчезнатата слика се вмеша и Интерпол, а приказната е славна, покрај другото, и затоа што целиот свет дозна дека Скопје, како град, го поседува Пикасо.

Кога точно е извршена кражбата, кој и како ја извршил, кога се откриени и притворени крадците?

Возбудливата и необична сторија започна есента 1971 година, кога на насловните страници на скопските весници беше објавена бомбастичната вест, под наслов: “Украден Пикасо”. Таа вест секавично се прошири низ светот, а во неа буквално го пишува следново: “‘Главата на жена’ што му ја подари Пикасо на Скопје, исчезна на мистериозен начин…” Утредента се јави нов напис, со прашање: “Од кога ја нема творбата?”, во кој се објаснува дека сликата е со димензии 73 џ 55, а на нејзината опачина бил запишан датумот кога била завршена таа – на 4.1.1963 година. Сликата на Музејот во Скопје Пикасо му ја подарил 1965 година, а таа е портрет на неговата сопруга Жаклина.

За релативно кусо време, само по неколку месеци, клопчето на кражбата полека започна да се одмотува. На 26 март 1972 година, на насловните страници на нашите весници повторно бомбастична вест: “Подарокот од Пикасо на Скопје пронајден”. Овој пат веста прва ја објави американската новинска агенција “Асошиетед прес”.

Во неа буквално стои: “Сликата ‘Глава на жена’ од Пикасо беше пронајдена во средата, на аеродромот во Франкфурт, кај петмина луѓе кои $ припаѓаат на меѓународна група крадци на уметнички дела. Тие се Германци и Југословени… Двајца се притворени, а тројца пуштени”. Сега приказната станува уште позанимлива. Републичкиот секретаријат за внатрешни работи одржал конференција за печат, а по повод оваа конференција, “Нова Македонија” објави голем напис, со наслов кој ја открива тајната: “Крадецот на Пикасовата слика – студент на Филозофскиот факултет”. По интервенцијата на Интерпол и службите во Скопје, Белград и Визбаден, во Франкфурт биле притворени: Живко Бошковски (25), студент од Скопје, и Томислав Миљковиќ (26) од Лабин. Првиот бил директниот учесник во кражбата, а вториот бил само посредник за препродажба на сликата во странство.

Крадецот вешто ја сошил украдената слика во внатрешноста на капутот. Скопскиот студент им бил стар познајник на органите на прогонот. Всушност, иницијатори за кражбата биле двајца браќа, од кои постариот бил советник, додека помладиот бил директниот извршител. Тој влегол во Музејот, ја извадил сликата, а потоа, низ отворениот застаклен дел, ја фрлил надвор од Музејот. Сликата била фрлена во тревата на западната страна од објектот, која гледа кон реката Вардар. Потоа излегол, минал покрај чуварот и ја зел сликата. Подоцна, крадецот е осуден на шест години затвор.

Интересна е и приказната како е донесена сликата на Пикасо во Скопје, откако била подарена. При својот студиски престој во Париз, директорот Борис Петковски, преку бројните контакти со влијателни луѓе блиски до уметникот, успеал да ја оствари идејата и желбата на многумина: Пикасо со задоволство му подарил слика на настраданото Скопје. Во своите сеќавања Петковски вели: “Пикасовата слика, откако ја презедов од галеријата “Луиз Лерис”, два дена ја чував во мојата хотелска соба, сe додека Амбасадата на СФРЈ во Париз не се согласи да ја преземе и да ја чува сe до нејзиниот транспорт во Скопје”. Но, тоа не е сe. Петковски успеал и лично да се сретне со Пикасо и неговата сопруга Жаклина, во музејот во Антиб: “Крајно возбуден, тогаш му се заблагодарив за подарената слика. Кога ми рече Пикасо дека многу ја сака, побрзав и јас тоа да го речам, а уметникот се провикна: ‘Благодарение на Бога, ќе бидеме барем двајца на светот!’ Потоа го поканив Пикасо да го посети Скопје…”

Музејот на современа уметност, кој е формиран во 1964 година, изврши огромно влијание врз сите нас, кои кон крајот на 60-тите и во 70-тите години доаѓавме во македонската култура. Не само врз оние што се занимаваа со ликовна уметност туку и оние од литературата, театарот, музиката, филмот.

Се случуваше по неколку пати месечно да се искачуваме до белата зграда на Калето за да го посетиме Музејот. Дури и денес, по сеќавање, можеме прецизно, во старата поставка на подарените дела, да ги посочиме местата каде што се наоѓаа делата на енформелистите, на Пикасо, на Хартунг, Масон, Лубарда… Обновената поставка е одлична можност новите генерации да го пишуваат сопствениот летопис за Музејот како своевидна митологија на градот. И на крајот, еден куриозитет во врска со кражбата, кој е малку познат.

Имено, истата 1971 година, кога во Скопје е украдена сликата на Пикасо, во Париз е украдено уште едно негово дело. Од галеријата “Кнедлер”, среде градот на светлината, украдена е сликата “Главата на Арлекин”. И тоа, замислете, во истиот месец како и во Скопје, во ноември 1971 година.