Интересна локација! Водно доби нов моторички парк

Водно добива нова содржина наменета за движење, рекреација, дружење и создавање здрави навики кај сите генерации.

Новиот моторички парк е изграден од здравите стебла на паднатите дрвја по силното невреме што го зафати Скопје. Наместо да завршат како отпад, дрвјата добија нова намена преку создавање простор со природни препреки и реквизити за развивање рамнотежа, координација, агилност и физичка подготвеност.

Просторот е наменет за децата, кои преку игра ќе ги развиваат моторичките способности, но и за младите и возрасните кои ќе можат да вежбаат и да се рекреираат во природа.

Во меѓувреме, на местата каде што беа отстранети паднатите дрвја се засадуваат нови садници, а во втората половина на септември е најавена голема есенска акција за пошумување.

- Паралелно се реконструира патот до Средно Водно, се уредуваат патеките и се обновува урбаната опрема. На Водно и Матка веќе функционира и Планинската спасителна служба, со цел поголема безбедност на посетителите, информираат надлежните. 

Водно, како едно од најзначајните зелени подрачја на Скопје, продолжува да се уредува и збогатува со содржини за сите генерации.