Интензивно се работи на нов закон за плати, вели Грковска

Интензивно се работи на законот за платите кој треба да воведе систем на праведна и правична исплата на платите, и штом ќе биде во завршна фаза ќе биде ставен на увид на јавноста, вели вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска. 

-Што се однесува во делот за законите, тие се предложени од пратеници. Ние тука немавме влијание за начинот на кој што ќе бидат предложени и кога ќе бидат предложени. Нас Парламентот ни е работодавец и во суштина Парламентот не бира, и ние ги извршуваме задолженијата од Парламентот... Законското решение се прави повеќе месеци, заради тоа што треба да биде еден систем којшто ќе биде воспоставен, праведен и правичен систем. Интензивно работат министерствата неколку месеци, првиот момент штом ќе биде во завршна фаза, сигурно ќе биде ставен на увид на јавноста за дискусија. И по тој момент реално ќе се знае кои се предлозите во оваа насока, рече Грковска на новинарско прашање во врска со законот за платите и за најавената промена на коефициентите за платите на функционерите пред промоцијата на проектот „Преосмислување на управувањето“. 

Уставниот суд на 23 март донесе одлука со која укина два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, со што се отвори можност за зголемување на платите на функционерите за 78 отсто. Претседателот Стево Пендаровски порача дека одлуките на Уставниот суд мора да се почитуваат, но ја повика Владата да најде механизам платите на функционерите да ги задржи на истото ниво со измена односно намалување на коефициентите или на основицата.