Институциите се подготвени во случај на нови врнежи од снег

Вчера, во просториите на Центарот за управување со кризи, се одржа 10-тaта седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи со кој претседава министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

На седницата, како што инфомрираа од владата била анализирана состојбата со врнежите од снег, ниските временски температури и отсечените и завеани населени места во земјава, а согласно најавите од страна на УХМР за нови снежни врнежи во наредниот период, од Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, посочија дека донеле голем број заклучоци за уште поголема ефикасност во справувањето со ситуаицјата.

„Да се активира Главниот штаб, истиот да биде во континуирано заседание и да се следат тековно состојбите предизвикани од снежното време и ниските временски температури во Република Македонија;

Главниот штаб имајќи ги предвид временските прилики, како и расположливата опрема (материјално – технички средства, механизација и слично), во соработка со сите надлежни институции (Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата на Република Македонија) во текот на денешниот ден да направи прецизна процена на состојбите на терен, план за постапување и идентификација на итни потреби согласно теренската состојба, како и потреба и локации за доставување на хуманитарна помош, храна и лекови.

Полициските сили на Министерството за внатрешни работи и припадниците на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија да бидат подготвени за итни интервенции доколку е потребно;

Министерството за внатрешни работи, во соработка со ЈП „Македонија пат“ да го зголемат бројот на дежурни служби и сообраќајни контроли и патроли, особено на повисоките места, кои ќе ги предупредуваат возачите за задолжително поседување на зимска опрема, но и медицинска кутија за прва помош, а по потреба ќе информираат и за забрани за движење и пренасочување на тешки товарни возила;

Возилата и механизацијата на ЈП „Македонија пат“ да бидат во постојан и континуиран ангажман, со цел одржување на возната состојба на патиштата и нормална проодност на истите;

Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Црвениот крст на Република Македонија, веднаш да ги преземе сите потребни активности за навремено и превентивно згрижување на сите бездомни лица, не само од територијата на Град Скопје, туку од целата територија на Република Македонија, како и навремено доставување на неопходни лекови или други медицински средства и слични неопходни потреби;

Министерството за здравство, во текот на денешниот ден, во сите служби за итна медицинска помош низ Република Македонија да подготви план за постапување, да определи број на екипи и протокол за функционирање и постапување во услови на постоење на снежно време и ниски временски температури во Република Македонија;

Министерството за здравство, во соработка со Агенцијата за лекови веднаш да направат анализа/проценка за евентуална потреба од достава на лекови до граѓаните кои имаат потреба од достава на лекови, а особено да се направи проценка преку системот на Управата за електронско здравство за тоа на кои лица кои примаат хронична терапија ќе им биде потребно достава на лекови, согласно подрачјето на живеење, особено во повисоките места;

Министерството за здравство веднаш да достави наредба до сите ургентни центри во Република Македонија, со цел нивна целосна подготвеност и мобилност (со материјал, опрема и кадар) во случај на зголемена потреба од давање на здравствени услуги за време на снежното време и ниските временски температури во Република Македонија;“, се само дел од мерките и заклучоците кои биле донесени на синоќешната седница.