Инспекторите направиле над 5000 контроли за седум дена, осум угостителски објекти затворени

Инспекциските служби во периодот од 29 март од 4 април спровеле вкупно 5.236 надзори и контроли. За констатираните неправилности изречени се решенија, прекршочни пријави и платни налози. Директорката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска апелира до угостителските субјекти и до граѓаните да ги почитуваат новите рестриктивни мерки, а ги охрабрува инспекторите да вршат засилени контроли.

– Ова е период кога сите треба да дадеме максиум во битката со вирусот. Видовме дека овој бран на вирусот е многу поопасен и многу побрзо прогресира и затоа е клучно огранучувањето на бројот на контакти и почитувањето на мерките, рече Филиповска-Грашковска на денешната прес-конференција во Владата.

Во изминатиот седумдневен период од страна на пазарните инспектори извршени се над 4.500 контроли и надзори при што изречени се 34 прекршочни пријави, 91 решение и 43 платни налози.

Вкупно осум угостителски објекти се затворени поради непочитување на протоколот за работа. По два угостителски објекта се од Скопје и Битола и по еден во Гостивар, Тетово, Струга и Куманово.

– Во овие угостителски објекти не се почитувало работното време или бројот на гости, односно ограничувањето на гости на една маса. Во сите овие случаи изречена е мерка забрана за вршење на дејност, односно истите се затворени на лице место, а дополнително се изречени и соодветни прекршочни платни налози, истакна Филиповска-Грашкоска.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат во текот на минатата недела извршил 92 контроли при што изречени се 17 решенија. Во овој период, издадени се и 13.957 решенија за изолација на лица кои биле заболени од коронавирусот и на лица кои биле во контакт во заболени.

Инспекторите за труд изрекле 16 решенија од кои девет за непочитување на протоколот за превентивни мерки. Изречени се и пет платни налози за пет вработени кои не носеле заштитна маска. Вкупно овој Инспекторат извршил 341 надзор.

Во областа на транспортот не се констатирани неправилности во однос на Законот за заштита на населението од заразни болести и протоколите за превоз на патници. Извршени се вкупно 30 надзори, а изречени се две прекршочни пријави и еден прекршочен платен налог кои се однесуваат на непочитување на материјалните закони.

Агенцијата за лекови при извршените контроли не констатирала неправилности, а Агенцијата за храна и ветеринарство од вкупно извршените 220 надзори, издала осум решенија, 15 едукации и две прекршочни платни налози по различен основ.

Државниот инспекторат за животна средина изврши 39 надзори при што за констатираните неправилности издал две решенија во врска со  управување со отпад.