Инспекторите на терен, дали отровни играчки има и во Македонија

По најавите дека од пазарот на неколку држави во регионот масовно се повлекуваат кинески отворни играчки, го вклучија алармот кај македонските инспектори на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) кои вршат контроли во повеќе магацини во земјава каде има детски играчки.

Контрола треба да утврди дали набавените играчки го задоволуваат потребниот квалитет или се опасни за здравјето на децата. Од Инспекторатот потврдуваат за ВЕЧЕР дека ќе бидат контролирани околу 50 магацини И дека потревно е време за да се утврди за какви играчки станува збор.

-Внимателно треба да се земат мостри за анализа од повеќе играчки, бидејќи можно кај нас да нема реализирано увоз од спорните. Проверките ќе бидат детални, при што деновиве и официјално ќе информираме дали во Македонија има играчки што ќе бидат повлечени од пазарот, децидна е Ирина Сотирова-Бухова, директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и дополни дека можно е спорната кукла “Софија” во Македонија да ја има под друго име.

Токму на оваа тема деновиве беше вознемирена јавноста во Босна и Херцеговина, каде од пазарот се повлечени И уништени шест типови на играчки кои што се штетни по здравјето на децата. Според Агенцијата за надзор на пазарот во БиХ, повлечени се четири модели играчки увезени од Кина, за кои е утврдено дека се хемиски ризични.

Како што пишува „Независне новине“ станува збор за пластична играчка на дување „Пони“, играчка „Пони“, пластична кукла и кукла „Софија“.

Исто така, откриено е дека бебешка играчка увезена од Турција содржи “фталат”, отровна материја која предизвикува неплодност како и сериозни заболувања како што е канцер, проблеми со бубрезите и црниот дроб. Босанските власти апелираат кон родителите што ги купиле да престанат да ги користат овие играчки.

На официјалниот сајт на (ДСЗИ) ставени се голем број на играчки по видови кои што во текот на минатата година се повлечени од употреба во Македонија. Меѓу нив се вбројуваат детските кукли од Кина “Lovely – Small” , Modern Charm,“Bimina”……

Инспекторите појаснуваат дека овие кукли се повлечени поради лесно отпаѓање на косата на куклата при затресување,чешлање и извлекување и може да предизвика загушување кај децата.

Што се однесува за пластичното Слонче со клуче за навивање тоа е повлечено И уништено бидејќи има ситни делови кои што можат да предизвикаат загушување кај децата.

Детската играчка “Украсно пенкало” со печат и играчка за дување балони од сапуница од Кина се повлечени од пазарот заради присуство на патогени бактерии и претставува ризик за здравјето на децата.Во кинеските, пак, тетоважи е пронајдено тешки метали како што е оловото.