Инспектори за домување во секоја општина

Голем број на станари се соочуваат со проблеми при изборот на нов управител, со предавањето на документацијата од стариот на новиот, потоа со добивањето месечни извештаи за што им се трошат парите и уште многу други, поради што постојниот Закон за домување треба да претрпи измени.

-Ако доносителот на законот ги усвои нашите предлози ние да го имаме надзорот врз општинските инспектори за домување, кои најголем дел од општините и ги немаат, некои работи ќе се променат. Законските измени треба да бидат и во делот на истекувањето на договорите на управителите. Управител се избира со 51 отсто потписи од станарите, а сега имаме случаи каде што во една зграда има двајца управители, кои биле избрани со 50-50 отсто потпишани станари. Ние им укажуваме на станарите дека треба да има еден и како да постапат кога договорот на првоангажираниот управител му истекува – за Нова Македонија, вели Ракип Маловски, претседател на РК комисија за домување.

Од Регулаторната комисија (РК) за домување велат дека веќе ги подготвуваат измените заедно со Министерството за транспорт и врски. Некои од нив треба да бидат во делот на потпишувањето и раскинувањето на договорите со управителите, ангажирањето инспектори за домување во општините, во надзорот над нив, да профункционира и Законот за техничка инспекција на лифтовите, како и задолжително отворање експозитури од страна на управителите во градовите каде што решиле да даваат услуги.

Со носењето на првичниот Закон за домување станарите мораа до 2012 година да си регистрираат во Централниот регистар, Заедници на станари или, пак, да си ангажираат управители. Некои граѓани тогаш се пожалија пред Уставниот суд и тој ги ослободи од предвидените рокови и се остави на самите станари да се самоорганизираат.

Ако не можеа самите да направат избор, тогаш поднесуваа барање судот да овласти управител. Законот наложуваше инспекторите за домување да излегуваат на терен и ако утврдат дека некоја станбена зграда нема заедница на станари или нема назначено управител, тогаш беа должни да го пријават тоа на судот.