ИНСПЕКТОРАТОТ ЈА ЗАТВОРИ ПЕРАЛНАТА: Во базените во Катлановска бања летале парчиња облека, а на ѕидовите имало крв

Наместо рекреација, одмор и уживање во топлите и лековите бањски води на Катлановска бања, граѓани што биле таму се запрепастиле од, како што тврдат, лошата состојба во која се наоѓа бањата и ниското ниво на хигиена. Изреволтирани се обратија до редакцијата Вечер, но и на социјалните мрежи. Тврдат дека парчиња од облека летале низ водата, а на ѕидовите имало и крв.

-Отидов да си го спастрам здравјето, но животот ми се згади од Катлановска бања. Во малите приватни базенчиња насекаде летаа парталчиња од облека и башка имаше крв на ѕидот. Овде под итно треба санитарна инспекција и бањава да се затвори. Башка, што не ми дадоа фискална дури ни на мое барање, објави Василка Димитровска на нејзиниот ФБ-профил на кој објави и фотографии.

По реакцијата на граѓаните дека хигиената во спа-одделот не ги задоволува стандардите, деновиве Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) изврши вонреден инспекциски надзор на бањата. Од инспекторатот велат дека не очекувале дека бањата ќе ја најдат во истата состојба од фотографиите бидејќи по реакциите на социјалните мрежи може брзо да се реагира и да ја исчистат бањата. Сепак, при контролата инспекторатот утврдил дека во лоша состојба е пералната во бањата и таа е привремено затворена, а од бањата не им доставиле ниту испитувања од бактериолошката и хемиска исправност на водата.

– Санитарно-хигиенската состојба во базените е добра; Испитување на бактериолошка и хемиска исправноста на водата во базените не се врши (не се доствени резултати во моментот на надзор); Пералната е во лоша санитарно-техничка состојба. Во истата се пере, суши и пегла облеката и е со оштетени ѕидни и тавански површини од протекување Капацитетот не ги задоволува потребите на болницата. Затекнати фрлени директно на под неиспрани чаршафи, крпи. Нема наменски дел за чување на чистата облека, се дел од она што инспекторите го констатирале при вонредниот надзор.

Инспекторатот забранува пералната да се користи додека не се изврши реновирање на истата во рок од два месеци заради градежните зафати. Во меѓувреме од ДЗСИ потенцираат да се обезбеди нов простор кој ќе се користи како перална или да се склучи договор со фирма која ќе пружа услуги на перење, сушење и пеглање на постелнината.

Инспекторите и наложуваат на Катлановска бања и да спроведува бактериолошкиот мониторинг квартално; да врши контрола на бактериолошката и хемиска исправност на водата во базените најмалку еднаш во месецот од овластена установа; да се контролираат филтрите во централната вентилација; да се формира комисија за следење на интрахоспитални инфекции.

Катлановска бања е во приватна сопственост, а менаџерите кога ја преземаа најавуваа модерен центар за релаксација во кој граѓаните ќе се чувствуваат како Алиса во земјата на чудата.

До затворање на весникот не добивме одговор со сопствениците на Катлановска бања за поплаките на посетителите.