Инспекциите одземаа 3 такси возила без лиценца

Инспекциите на Град Скопје деновиве спроведоа акција за контрола на такси-превозниците, при што беа одземени 3 возила од лица кои вршеле превоз на патници без соодветната лиценца. Возилата им се одземени за период од 6 месеци. Дополнително, истите биле казнети и со глоба од 500 евра.

Со измените на законот, се предвидува одземање на возилото за период од шест месеци, за разлика од претходно кога законот предвидуваше трајно одземање. Ваквата одлука беше поништена од страна на Уставниот суд. Од Град Скопје велат дека инспекторите се на терен постојано и дека работат на воведување ред во такси-превозот. Покрај строгите мерки и високите казни, диви таксисти сеуште има. Во Скопје оперираат 2 400 лиценцирани таксисти, а никој не ја знае бројката на оние кои работат „на диво“.

Од Групацијата на автотакси-превозници на Град Скопје велат дека дивите таксист ги има се повеќе откако е стапена на сила измената на законот со што не е дозволено трајно одземање на возилата. Тие се појавуваат во попладневните часови, концентрирани на неколку локации, Транспортен центар, Јаја Паша, паркингот кај Холидеј Ин и некој други места.

Проблемот со дивите таксисти е тоа што тие не плаќаат данок, и не се придружуваат до договорената цена, која изнесува 40 денари за старт и 25 денари за секој изминат километар.