Од „Иницијатива О2“ реагираат на ланското „кастрење“ со кое, според организацијата, е уништен дрворед на средината на булеварот „Партизански одреди“.
„Кој ќе одговара за уништените дрвја во зелениот појас на „Партизанска“ (пред „Рузвелтова“)? Помина доволно време да се види резултатот од минатогодишното т.н. „кастрење“ со кое е уништен целиот дрворед од јапонски цреши, со преубави цветни крошни напролет“, реагираат од еко-организацијата.
Тие посочуваат дека за ова зеленило е одговорно јавното претпријатие „Паркови и зеленило“.
„Бараме од директорот Сефи Шабани да утврди кој е одговорен за вакво уништување на дрвјата и тој да биде санкциониран. Воедно, дрвјата треба да се заменат со нови, зошто овие се комплетно уништени“, забележуваат еко-активистите.
Инаку, според нив, вакво нестручно сечење на гранки и цели крошни има на многу места низ Скопје.
„Не може да сече секој што има пила, без никакво знаење за правилно кроење на крошните. Може да вработите и стручни лица кои ќе знаат вистински да се грижат за зеленилото во градов, а не само по партиска линија“, пишува во реакцијата од иницијативата „О2“.