Иницијативa да се спроведе одводна фекална канализација, како и да се изгради пешачка и велосипедска патека од Автокоманда до Катланово

Иницијативен одбор од 12 населени места во општините Гази Баба, Петровец и Илинден бара од надлежните да се спроведе одводна фекална канализација, како и да се изгради пешачка и велосипедска патека по должината на регионалниот пат 1.102 кој води од средното училиште “Михајло Пупин” во Автокоманда до Катланово, како и да се исчистат отворените канали од двете страни на патот.

Оттаму велат дека нивното барање мора да се реализира што поскоро бидејќи кога врне коловозот е полн со вода и на зима замрзнува и е опасност и за возачите и за пешаците.

– Огромен проблем е и тоа што нивите ни се поплавуваат, а подрумите на куќите ни се полнат со вода, особено во периодот на интензивни врнежи затоа што отворениот канал во село Трубарево каде живеам е узурпиран од правни и физички лица. Тие во каналот имаат поставено бетонски шахти, ги положуваат цевките и тука ја испуштаат фекалната канализација. Иста е состојбата и во другите населени места по должина на патот. Освен што не поплавуваат поради затворањето на каналот, ни ги загадуваат и бунарите од каде се снабдуваме со вода, бидејќи овие населени места не се приклучени на градскиот водовод – ни изјави Трајко Георгиевски од иницијативниот одбор.

За да бидат сериозно сфатени од надлежните институции, одборот иницирал потпишување на петиција од страна на 350 жители од овие населени места.

– Апелираме да не се затрупуваат и узурпираат отворените одводни канали. Од надлежните во трите општини бараме да не издаваат дозволи за изградба на фирми долж патот од страна на правни лица, како и да не се дозволува некои жители да прават гаражи и да отвораат продавници па ги затвораат каналите за пристапен пат, се додека не се постави одводна фекална канализација. Од причина што ни се загадуваат бунарите од кои вода за пиење и за наводнување на обработливите површини се снабдуваат над 60.000 жители – вели Георгиевски.

Тие апелираат и до ЕВН да престанат во одводните канали да ги поставуваат бетонските бандери бидејќи на тој начин го спречуваат протокот на атмосферската вода која се собира во нив.

– Од друга страна, во овој случај тешко дека ќе може во иднина овие столбови да се дислоцираат ако се одлучи да се направат пешачки и велосипедски патеки долж каналите, како што во 2008 година ни ветија од Министерството за транспорт и врски – вели Георгиевски.

Нивниот повеќегодишен проблем бил инициран до надлежните државни и општински институции, но ништо не било преземено од нивна страна, бидејќи, како што вели Георгиевски “немаат интерес”.

Нивните барања сега се доставени и до сегашната Влада, а кон крајот на ноември минатата година од иницијативниот одбор разговарале со градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски.

cheap nike air max 90