[ИНФОРМАТИВНИ ТАБЛИ] Наместо возен ред, простор за реклами

Досегашните информативни табли во хартиена форма на автобуските постојки повеќе нема да постојат, а просторот за нив ќе биде пренаменет за зголемување на површината на рекламирање, стои во предлог-програмата за изменување и дополнување на Програмата за поставување урбана опрема на автобуските стојалишта на подрачјето на Градот Скопје, што беше на дневен ред на вчерашната седница на Советот.

Kако што стои во образложението, причината за донесување на ваквата одлука е тоа што со новиот концепт, преку системот за автоматска локација се обезбедува информирањето на патниците.

- Тоа се однесува на навременото добивање на аудио и видеоинформации за пристигнување на автобусите на стојалиштата преку информациските дисплеи на самите стојалишта, како и преку СМС и интернет. Патниците користејќи ги начините на информираност што ги нуди овој систем во секое време може да ја добијат бараната информација за возниот ред, како и за времето на поаѓање и пристигнување на автобусите. Овој нов и модерен систем на информираност на патниците во јавниот превоз ја прави непотребна предвидената употреба информативната табла за возниот ред во хартиена форма - пишува во образложението.

Надлежните сметаат дека со оваа одлука ќе се олесни и одржувањето на постојките. Според нив, досегашниот начин на објавување на возниот ред на постојките се покажал како нефункционален, оти граѓаните често ги шкртале или ги уништувале натписите со возен ред.

- Со зголемување на површината предвидена за рекламирање на една постојка се создава можност и за осмислување поинаков, помодерен изглед на постојките во согласност со модерните текови на европските метрополи - се вели во образложението.