Инфлацијата намалена за 1.3 проценти, но затоа трошоците за живот во период од една година се зголемиле за 2.7 отсто

Државниот завод за статистика информираше дека трошоците на животот во март 2025 година, во однос на март лани, бележат зголемување од 2.7 %, а цените на мало раст од 2.2 проценти.

Инфлацијата, пак, мерена преку индексот на трошоците на животот во март 2025 година, во однос на февруари 2025 година, е помала за 1.3 %.

Намалувањето на инфлацијата во март 2025 година, во однос на февруари 2025 година, е резултат на намалувањето на трошоците на животот во следните групи: Храна и безалкохолни пијалаци за 3.0 %, Транспорт за 1.8 %, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0.6 %, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0.5 % и Разновидни стоки и услуги за 0.3 %.

Во март 2025 година, во однос на февруари 2025 година, зголемување на трошоците на животот е забележано во следните групи: Домување, вода, електрика, гас и други горива и Облека и обувки за 0.4 %, Ресторани и хотели за 0.3 %, Комуникации и Здравје за 0.2 % и Рекреација и култура за 0.1 %.

Трошоците на животот во групата Образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.

Цените на мало во март во однос на февруари годинава се пониски за 0.9 %.