Инфлацијата може да ги зголеми каматите на кредитите

Ако продолжи зголемување на инфлацијата една од мерките е затегнување на монетарната политика и благо зголемување на камата на благајничките записи. Ова би значело сигнал до банките да ги зголемат каматите на кредитите како за граѓаните, така и за фирмите. Професорот Зоран Ивановски прва мерка која би ја преземала НБРМ ќе биде благо покачување на основната каматата, за да може да се влијае врз стапката на инфлација.

„За очекување е дека одговорот на Народната банка ќе биде во правец на благо покачување на каматата на благајничките записи, а со тоа ќе има благо покачување на каматните стапки во деловните банки. Очекувам да дојде до благо покачување и на пасивните и активните каматни стапки, а тоа значи дека граѓаните кои се кредитно задолжени може да очекуваат зголемување на каматниот товар. Но треба да биде јасно само преку поскапување на цената на парите може успешно да се справува монетарната власт со инфлациониот предизвик“, вели Зоран Ивановски, Универзитетски професор во изјава за Алсат. 

Но, професорот Бранимир Јовановиќ вели дека е премногу рано Народната банка да ја затегне монетарната политика со зголемување на каматата на благајничките записи. Со ваква мерка освен што би се зголемиле каматите за сите граѓани кои имаат кредити, постои ризик од поголема невработеност. Од друга страна со оваа мерка нема да се влијае врз намалување на стапката на инфлација бидејќи таа е предизвикана од цената на гасот, вели Јовановиќ. Затоа првите чекори треба да ги преземе Владата, а во крајна линија НБРМ. Уште сега властите треба да размислуваат за набавка на резерви на гас и на креирање на мерки кои ќе се даваат директно на граѓаните.

„Не сум за тоа монетарната политика да реагира ако има покачување на инфлацијата поради гасот. Оној кои треба да реагира е Владата и тоа со две мерки. Прво да им даде директна финансиска поддршка на луѓето кои што се најпогодени од тоа покачување, второ да размислува на лимитирање или ограничување на цената на одредени производи, дали струја, храна, лебот треба да се види каде има притисоци и Владата треба да излезе со интервентна мерка за лимитирање на таа цена. Се разбира, тоа е мерка со ограничено траење, доволно е неколку месеци да трае за да спречи ценовен удар“, вели Јовановиќ.

Засега од страна на Владата нема најави дали и во која насока размислува за преземање фискални политики со цел да се ублажи можниот ударот кои ги очекува граѓаните. Иако цената на струјата за домаќинствата, според властите, ќе остане иста, бизнис заедницата реагираше дека на крајот на денот пак сметката за поскапата струја на компаниите ќе ја платат граѓаните. Поради енергетската криза земјите од светот веќе почнаа да преземаат мерки преку воведување рестрикции и зголемување на домашното производство на струја. Во текот на оваа недела се очекува Европската Унија да донесе план за земјите членки за спас од енергетската криза.