Инфективното одделение во Битола полно, пациентите ќе се праќаат во Охрид

Со зголемувањето на бројот на инфицираните од ковид-19 се наполни Инфективното одделение во Битола.
Во Клиничката болница во Битола хоспитализирани се вкупно 20 пациенти. Со ова капацитетот на Инфективното одделение е целосно исполнет.
Најголем број од пациентите се од другите градови на Југозападниот регион, претежно од Струшко-Охридскиот.
– Во Битола одделението е исполнето поради тоа што е Регионален центар и сите пациенти од тој регион доаѓаат тука. Со оглед на тоа што во Инфективното одделение повеќе нема место, сега пациентите од овој регион ќе се сместуваат во болницата во Охрид – изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Во Битола веќе три дена нема новозаболени од ковид-19, а моментално како заболени-позитивни се водат само три лица.
Вкупно од почетокот на пандемијата до денес во Битола се разболија 30 битолчани, од кои две лица починаа, а 25 оздравеа.

извор - Нова Македонија