Ind.O.G. ја претставува „Емигрирани во слобода“

Графички и моден дизајнер, визуелен уметник, Горан Костовски или попознат како Ind.O.G. ја поставува својата последна изложба в сабота пред споменикот „Јас и ти“. Изложбата насловена „Celebrate Life/Емигрирани во слобода“ ќе биде поставена од 12 до 20 часот. Идејата на изложбата е да се претстави проблемот на модерното време во нашата земја, односно иселувањето на младите луѓе. Костовски преку птици цртани со акрил на картонски отпадоци сака да ја пренесе пораката за отфрленоста и дискриминацијата во општеството. Со ова тој сака да спои две прашања кои сеуште се третираат како табу во нашето општество. Од една страна отфрленоста на поединецот и негрижата за животната средина од друга. Според него, птиците се симболот на слободата, родовата еднаквост, надежта. Самата изложба ќе биде и од хуманитарен карактер така што посетителите ќе можат да донираат, а за возврат ќе добијат некое парче од неговата претходна колекција „Celebrate Life“. Изложбата покрај претставување на неговото творештво ќе биде одлична прилика за дружење. За музиката ќе се погрижат неколку локални диџеи.

Изложбата е поддржана од програмата Културни приказни, иницирана од Делегацијата на Европската Унија. По оваа егзибиција, изложбата ќе може да се види во ЕУ Инфо Центарот од 6ти до 17ти јуни.

Ind.O.G. инаку целото свое творештво го посветува на борбата за еднаквост по секој основ. Неговиот бренд Celebrate Life е посветен на дизајнирање на унисекс облека, каде секое парче пренесува различна порака за проблемите и предизвиците на новото време, но во позитивна смисла, влевајќи надеж и терајќи не да го славиме животот. Својата кариера професионално ја започнува во ‘98ма година, а оттогаш зад себе има оставено голем број на самостојни и групни изложби, како и низа проекти во неколку различни уметнички правци.