Ина за случајот кај „Камени Кукли“: „Општина Кратово побрза да се претстави како жртва...еј институција и градоначалник избран од народот“

Откако во јавноста се појавија информациите дека лица наплаќале за влез кон локалитетот „Камени Кукли“, во текот на вчерашниот и денешниот ден има лавина од реакции, во кои граѓаните се чудат како воопшто дошло до тоа, неколку поединци со такво однесување да малтретираат туристи.

Од Министерството за внатрешни работи за Скопје Инфо посочија дека случајот не е нов, односно дека во 2024 година, настанот бил пријавен и во ОВР Кратово, а потоа до Основно јавно обвинителство Куманово, било пуштено известување за преземени мерки и активности.

Денеска во објава на Фејсбук, реагираше и познатата инфлуенсерка Ина Многуфина, која им забележува на Општина Кратово побрзала да се претстави како жртва во конкретниот случај.

„Побрза Општина Кратово да се претстави како жртва во случајот со узурпација, демек еве ние пуштивме кривична ама они жалба и ете чекаме, ние нашето го завршивме, а оние со години наплаќаат и никој ништо не превземал да ги заштити граѓаните. Демек на ДПИ, УЈП и други институции не можеле да се јават? МВР не можело да се алармира на повисоко ниво? И Општина Кратово и Општина Крива Паланка се понашаат ко да не можат да се справат со проблематични фамилии кои малтретираат население. Ко да имаме фолклор на попуштање на тие што прават глупости“, вели Ина во нејзината објава.

Воедно, во објавата таа реагираше и на ситуацијата за млекарниците кои издавале лажни декларации и за начинот на кој, според неа, реагирале од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), како и за ситуацијата во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) со вработените кои не оделе не работа, а примале плата.

„АХВ им се плаши на тие што шиткаат со лажни декларации да не им стегнат тужба, по институции работат луѓе што не идат на работа ама сами си отишле ете останале уште 2-3 во ИЈЗ џанам тоа е добра вест. Од друга страна некој што никого не малтретира, што пази на се, се обидува да се вклопи во сите промени, закони, казни, да закасни со нешто месец два ќе му се натоварат институции за секунда. Ама молим те, булињата да не ги закачаме знаеш попаметниот попушта“, пишува Ина.

Да не се социјални мрежи, како што вели таа, нема да знаеме колку инертно се однесуваат локалните институции.

„Ама чим излезе веста ете сите се жртви и они се направиле ама на друго место се чека. Општина Кратово изјави "и нас не не пуштаат да влеземе". Со цел памет кажаа такво нешто, еј институција и градоначалник избран од народот“, напиша Ина.