Ина Многуфина цинична на тема Скопје: „Премногу е накитено, може малку да се откити“

Темата за новогодишното украсување на Скопје повторно е актуелна на социјалните мрежи. Додека градот тврди дека Скопје е доволно украсено, граѓаните имаат различни мислења.

Во изминатите денови, Ина Многуфина го сподели својот став на социјалните мрежи, реагирајќи на тврдењето на градоначалничката Арсовска дека градот е доволно украсен. Многуфина објави циничен коментар, пишувајќи:
„Апсолутно, дури и може малку да се откити, од вселената се гледаат само Кинескиот ѕид и Скопје накитено. Да не го комплексираме Лас Вегас, не за друго. Инаку, да, прекрасно украсено, фала Данче, фала Град Скопје“, напиша Ина на Фејсбук.

Од друга страна, Град Скопје смета дека главниот град е соодветно украсен пред новогодишните празници. Во демантот на критичкиот текст објавен на порталот МКД.мк, кој се однесува на украсувањето на градот, адвокатот Трајче Арсов бара демант и јавно извинување.

Во дел од демантот се посочува дека „оваа година Град Скопје е меѓу првите градови во Македонија кој започна со предновогодишно украсување, и тоа е видливо на лице место. За разлика од останатите градови како Битола, Охрид и Струга, кои најавија украсување, но сѐ уште не започнале“.