Имаше и по 100 загинати од една зграда - Спасувачот Зоки Павловски раскажува за искуството од Турција

Зоки Павловски е еден од спасувачите кои беа на терен по страотниот змејотрес кој ги погоди Турција и Сирија.

Тој беше дел од тимот на Дирекцијата за заштита и спасување и за „СкопјеИнфо“ раскажува за искуството кое го доживеа минатата недела.

-Бевме во градот Адјаман, во близина на сириската граница. Станува збор за град со околу 280.000 жители. Она што го видовме со свои очи е огромна трагедија. Станува збор за големо разурнување. 50% од објектите беа целосно срушени, а останатите делумно што значи не остана здрав објект по потресот, раскажува Павловски.

Тој вели дека биле ангажирани 24/7, односно според прописите за работа се работело во смени.

-Станува збор за град каде нема струја, вода...Спиевме во шатори. Со нас имаше екипи спасувачи од многу земји, од Франција, Русија, Чешка, Хрватска, Германија, Италија...

Павловски вели дека за нив е успех што успеале да извлечат жива жена од под урнатините.

-Сликата е грозоморна. Имаше и по 100 загинати од една зграда. Имаше загинати млади, деца, средовечни...За нас како екипа е успех што успеавме да ја спасиме жената од под урнатините. Кај локалното насленение се гледаше трагедијата, беа видно растревожени, но ние бевме добро прифатени...

Павловски како спасувач од под урнатини беше дел и од тимот кој помагаше во санирање на последиците по земјотресот во соседна Албанија во 2019 година каде исто така беше на терен 7 дена.