Имаме проблем со паркинг, чудни градби, галама - Ина Многуфина со жесток коментар кон кандидатите за градоначалник на Центар

Виртуелната активистика Ина Многуфина на својот фејсбук профил сподели став за активностите на кандидатите за градоначалници во пресрет на локалните избори. 

Таа им се обрати на идните градоначалници со порака дека во Скопје има чудни нови градби, проблеми со паркинг просторот, но и со гласната музика. 

-Драги кандидати за градоначалници за Центар! Супер ви се кампањите, ок сфативме, сите сте урбани, сакате спорт, здрав живот и зборите со граѓаните и сите не сакате, ок. Туку би било фино да обрнете внимание на работите што секој ден не мачат нас жителите со конкретни решенија. Имаме чудни нови градби во општината кои влагаат во приватен имот, ќе ги заштитите ли жителите или ќе се приклоните кон инвеститорите? Имаме чудна градба, без пристап, карши влада, оноа грозноно за чиј пристап сакаат да одземаат имот од жители на Центар, притоа е пуштена во функција, појма неам како (ова дополнително ќе ескалира, ќе игра антикорупциска овде минимум), пишува таа.

Имаме проблем со паркинг, пишува Ина Многуфина во продолжение. 

- Голем проблем со паркинг. Имаме проблем со ПОЦ, кај одредени жители со една кола, а право на користење на места во два реони (1 кола 2 места) во Центар доплаќаат како за втора кола која не постои. Жителите во Центар се осеќаат ко никој да не ги есапи нивните потреби и проблеми. Воедно ќе треба вашите инспектори освен на очен преглед за да ги видат неправилностите, да ги праќате и на ушно, за да може да ја чујат галамата од одредени дискотеки и клубови која е над дозволеното и сите ја слушаат само они не. Дали ќе продолжите со привилегии кон одредени угостители и стопанственици чии муштерии може да се паркираат на улица и да фаќаат цела лента, а жителите на Центар нека се приклучуваат непрегледно на улица, нека се стискаат во една лента и тие од таму и тие од ваму, па сега ако се деси беља тоа е, и така сите ќе умреме еден ден, пишува во својот став иронично заклучувајќи. 

-Жалнички сме и малку лутички. Ок малце повеќе сме лути. Општината за некого е мајка за некого е втора братучетка на вујна на комшиката на стрината. Тоа сакав да ве прашам, планирате и вие да не не есапите или нешто од нешто ќе напраите за жителите, а тоа да не е само ветување?