Имаме погрешна дефиниција за успехот, а тоа ја уништува нашата среќа

Кога го мериме успехот, тоа често зависи од тоа како другите гледаат на нас.

Размислуваме за статусот, позицијата, материјалните нешта кои ги поседуваме. Но, забораваме дека постојаното споредување е само предиспозиција за неуспех и несреќа, тоа е крадец на нашата радост. Вистинската среќа и успех зависат од развивање на внатрешна сила и задоволство од себеси.

Ова се три начини преку кои погрешно гледаме на успехот и што можеме да направиме за да останеме среќни.

Бараме екстерна валидација, односно прифаќање од другите

Постојано тежнееме кон тоа да бидеме видени, а социјалните мрежи се најдобрата платформа за тоа. Кога бевме деца, го баравме тоа од нашите родители, но сега е на повисоко ниво – лајкови, следбеници, коментари од луѓе кои и воопшто не нè познаваат.

Среќата е внатрешно нешто. Тоа не значи дека не треба да се грижиме што велат другите за нас, тоа едноставно не може да се случи, но не треба да дозволиме тоа да влијае на секој наш чекор и чувство кое го имаме. Наместо валидацијата која постојано ја бараме од другите луѓе, потребно е да развиеме внатрешна сила, да се прифатиме себеси и да се погледнеме во огледало и да бидеме задоволни од тоа што го гледаме. 

Да, потешко е од собирањето лајкови, но е убава навика која ќе го смени начинот на кој гледаме на среќата.

Идентификување со некој аспект од нашиот живот

Често се идентификуваме со еден дел од нашиот живот, така што кога ќе запознаеме некого, зборуваме за таа област. Тоа е во ред, но не треба да дозволуваме нашиот идентитет и вредност да бидат поврзани само со нашата кариера, љубовна врска или дом.

Вашата вредност се гради на вашите добри навики, здравје, способност да го исполните слободното време со квалитетни навики и тоа е нешто на што ќе се сеќавате на крајот на животот.

Споредување со другите

Ова е најчестата грешка која ја правиме во животот, а и најголем извор на несреќа. Но, секој од нас си живее своја патека. Амбициозноста и желбата да се успее е важна, но не преку цената за постојаната споредба со другите луѓе. Потрудете се да бидете подобри од себеси секојдневно, а не од другите. 

Замислете како се подготвувате за маратон. Се приклучувате на клуб за трчање, со програма од неколку недели, а секој ден вложувате малку по малку и се борите со себеси, секој ден се трудите да бидете подобри од вчерашниот. Вашето расположение и самодоверба се подобруваат.

Веќе на денот на трката имате стратегија. Знаете дека не треба да трчате премногу брзо, дека не треба да се споредувате со другите и дека треба да го пронајдете својот ритам кој ќе ви донесе успех.

Тоа е вашата трка и вие победувате во неа.