Имаме ли стратегија за подобрување на писменоста кај учениците - се наоѓаат на дното во светот според тестот ПИСА

Има ли Македонија стратегија за подобрување на писменоста кај учениците? Надлежните велат дека во државава е вклучен црвениот аларм, откако последното тестирање покажа дека Македонија е рангирана меѓу последните земји по општо знаење на учениците на 15-годишна возраст.

Меѓународното тестирање ПИСА, реализирано од Организацијата за економска соработка и развој ги рангираше македонските ученици меѓу најслабите во Европа на резултатите по јазична писменост, математика и природни науки. Полоши од нив се само косовските и оние од Алжир и Доминиканска Република.

Лошите резултати години наназад бараат итни мерки. Преземените реформи во образованието предвидуваат зајакнување на основите на образовниот процес и спроведување на сеопфатната стратегија за развој на образованието 2018-2025 година.

Причините за катастрофалната писменост на македонските ученици се лоцирани во континуитет на лошиот образовен систем. Предвидените нови реформски закони во образованието треба да го подигнат општото знаење, а не треба да се запостави ни квалитетот и мотивацијата на наставниот кадар.

Меѓународното тестирање ПИСА е најчесто користена алатка во светски рамки за мерење и оценување на писменоста на учениците. Резултатите од последното тестирање спроведено на пролет минатата година ќе бидат објавени во декеври. Тие ќе покажат колку македонскиот образовен систем ја извршува својата мисија и дали се движи во правилна насока.