ИМААТ НАПЛИВ НА ПАЦИЕНТИ: Во „8 Септември“ се одложуваат операции, оти абдоменалната клиника се реновира

Во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје се одложуваат операции кои не се итни, односно операции за хронични болести кои може да чекаат. Од болницата велат дека во последно време имаат наплив на пациенти, оти се реновира Клиниката за абдоменална хирургија, пренесува СДК.

Директорот на „8 Септември“ д-р Кристијан Костов вели дека интензивната нега во болницата е преполна и оти поради тоа одложуваат операции кои може да чекаат.

„Но тоа одложување не е со месеци, туку за неколку недели, бидејќи и тие не може да чекаат во недоглед, без разлика што болеста е хронична. Бројот на пациенти ни е зголемен за околу 20 отсто. Интензивната нега на хирургија е преполна. Таа е со капацитет за шест пациенти, а во моментов има десет. Оваа состојба трае веќе одреден период, оти имаме пациенти кои доаѓаат од Клиниката за абдоменална хирургија која во моментов се реновира“, вели д-р Костов.

Тој додава дека од Клиниката за дигестивна хирургија добиле писмо со кое колегите ги известуваат дека поради реновирање не може да ги примат сите пациенти и дека е можно дел од нив да се обратат и во „8 Септември“.

Од Клиниката за дигестивна хирургија велат дека работат со преполовен капацитет, бидејќи се реновира болничкиот дел за лежечките пациенти. Капацитетот на оваа клиника е 68 пациенти, а во моментов се примаат 34. Од Клиниката велат дека комплетно ги реновираат собите, ходниците и тоалетите, менуваат прозори, а обезбедени се и нови кревети.