Имаат ли навика македонските мажи да купуваат подароци за 8-ми Март

Скопјани ги тресе осмомартовска треска. Продавниците се полни со цвеќиња и најразлични примамливи подароци, а насмеаните и љубезни продавачи тријат раце од заработувачка.

- Фала богу, има купувачи. Најмногу се купува цвеќе, но и младите купуваат мечиња - вели продавачка од една скопска продавница за подароци, од чиј излог мамат убаво спакувани подароци и цвеќиња. 

Сепак, преокупирани со одбирање на осомомартовски подароци се и помладите.

- За девојка ми подготвувам специјално изненадување. И купив еротска долна облека, ни се довери еден дваесетгодишник. Тој потврдува дека и неговите другари купуваат. За мајките, но не ги забораваат и девојките.

За еден дел од граѓаните, 8 Март нема посебно значење. 

- Ова е комерцијален празник. Зарем една жена, мајка, сопруга, учителка, колешка, другарка заслужува внимание само еден ден во годината? Ако македонските мажи купуваат цвеќе само на овој ден, не мора ни тогаш, реагира триесет и тригодишната Сара и додава дека на луѓето кои и се важни таа им посветува внимание секој ден, а им подарува кога ќе почувствува потреба. Истото тоа го очекува и од другите.

Со исто милсење е и скопјанецот Филип, кој рече дека седум години е во брак и на сопругата ниту еднаш не и купил цвеќе за Осми март, ама пак затоа многу често и подарува на деновите што за другите не значат ништо. 

Како и да е, ова се денови кога трговците тријат раце од заработувачката. На оние кои се уште не одлучиле што да подарат, им преостануваат само уште неколку часа за размислување.

Дами, нека ви среќен празникот 8 Март!