Има ли крај на лошите денови, лошите периоди и лошата среќа?

Има ли крај на лошите денови, лошите периоди и лошата среќа? На маките?

Изгледа дека лекциите завршуваат тогаш кога ќе престанеш да го гледаш мачењето само по себе и почнеш да ја гледаш неговата цел.

Дури тогаш ќе попушти мачењето. Или барем ќе почне да попушта. Дотогаш ќе те брка, сакал или не.

Ќе те крши, ќе те дроби и ќе те челичи.

Ќе те превоспитува, ќе те дресира и ќе ти побие сѐ што си мислел дека знаеш, а ќе добиеш знаење за кое не си ни мислел дека ти е потребно. Трпение, простување и верба.

Кога во животот работите не ти одат по план, наместо да стиснеш заби, стисни ја поцврсто твојата волја.

Кога не знаеш каде, кога не знаеш како, кога не знаеш со кого, дури тогаш животот ќе почне да ти ги дава најточните одговори. Но, прво мораш себеси да си признаеш дека не знаеш. Маката тогаш ќе направи една добра работа: ќе ѝ дозволи на душата погласно да зборува. Ќе ѝ даде микрофон. А тогаш нема да можеш да не ја слушаш душата.

Тогаш ќе ти каже дека кој било пат, дури и оној за кој си мислел дека е погрешна кривина, станува вистински пат ако сфатиш дека нешто си научил додека си одел по него. Дека ниту една одлука не може да биде погрешна, ако е донесена во мир со себе, а не во лутина пред другите. Дека убавината на крајната дестинација не зависи од сопатникот со кој пешачиш, туку дека целиот пат станува најубава дестинација ако го поминуваш со сопатник кој го сакаш.