Има 29 години, три деца и пет пораки за сите татковци...

Тед Гондер е татко на три деца, има 29 години и став со кој освои илјадници жени ширум светот и тоа само со еден искрен текст на својот профил на Фејсбук: 

Имам 29 години и три деца со својата сопруга Франциска која ги носеше и ги роди како хероина. А еве што би си рекол на себеси кога имав 24 години за тоа како да бидам добар партнер на својата жена во периодот кога влегувавме во авантурата наречена родителство:

  1. Жената е таа која цели девет месеци го носи детето во својот стомак. Затоа што е можно почесто грижи се за детето кога ќе се роди. Не само што ќе ѝ помогне побрзо да се опорави од породувањето, туку и ти ќе оствариш силна врска со своето дете, многу посилна отколку што можеш да замислиш. 

  2. Жената е таа којашто дои и колку и да е тоа прекрасно и уникатно искуство за една жена – тоа е сепак исцрпувачки процес. Затоа ти потруди се да ја промениш секоја пелена која можеш да ја промениш. Не се грижи, набргу ќе престанеш да бидеш гадлив. И ќе спречиш незадоволство и нерамнотежа во врската. И додека другите жени во вашата околина ќе се жалат дека нивните мажи ги избегнуваат сите обврски поврзани со бебето, твојата жена гордо ќе се смешка.

  3. Секое утро прави ѝ кафе. Можеби нема ни да го испие, можеби ќе го испие откако ќе се олади, затоа што не можела да се освести тоа утро. Била будна во поголемиот дел од ноќта, хранејќи го бебето, па затоа помогни ѝ да го започне денот колку-толку одморна.

  4. Кажи ѝ дека е убава и помогни ѝ и самата да го увиди тоа во оние моменти кога е најнесигурна во себе. Потсети ја на сето она што го постигнала досега. Потсети ја дека е хероина. Таа буквално ги поместила сите свои внатрешни органи, качила 10-20 килограми за да ти подари дете кое ќе ти биде најважниот подарок кој некогаш ќе го добиеш. Помогни и да ја надмине несигурноста и да се фокусира на позитивните работи. 

  5. Прифати ги „ударите“. Хормоните дивеат, пред и после породувањето. Понекогаш ќе ти делува дека тоа не е жената со која си се оженил, а понекогаш и таа ќе изговори работи кои сигурно не би ги рекла доколку не се чувствува изморено и истоштено до крајни граници. Сети се дека твоја работа е да бидеш нејзина поддршка и столб и кога ќе ти се чини дека нејзиниот јазик е поостар од обично, имај на ум дека „нормалната“ состојба набргу ќе се врати и тогаш ќе ти биде благодарна што си ја разбрал.