Илинден - голем национален и православен празник

Денеска е Св. Илија ,Илинден, празник кој двојно го прославувавме - и верски и национален. 

Според верскиот календар, Свети Илија беше Евреин. Живееше далеку пред Христа. Потекнуваше од градот Тесвит, по што и беше наречен Тесвиќанец. Кога се роди, околу него татко му виде Божји ангели како го повиваат во оган и го хранат со пламен, што укажуваше на неговата подоцнежна пророчка служба. Младоста ја помина во постојано богомислие и во молитва, честопати повлекувајќи се на пусти места. Прорече многу настани и направи голем број чуда со силата Божја, што беше во него. Пред крајот на неговиот земен живот го избра за свој наследник пророкот Елисеј, а потоа се вознесе на небото во огнена кочија, Се јави пак при Христовото преображение, а ќе се појави и пред второто Христово доаѓање.

Именден слават Илија, Илина, како и оние кои носат варијации на ова име. 

Но, исто така и Илинден има посебно значење за историјата на македонскиот народ заради тоа што на 2 август започнало Илинденското востание во 1903 година, а во 1944 година е одржано Првото заседание на АСНОМ. Денес, илинденската традиција е испреплетена со патриотски, фолкорни и религиски симболи, што го прави Илинден еден од најважните празници во Македонија.

Точно 41 година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчински во близина на Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена, со зборовите: „Денеска е Вториот Илинден, последен Илинден на неслободна Македонија, се ставаат темелите на македонската држава“. Избран е Президиум на АСНОМ, во состав: Методија Андонов Ченто (претседател), Панко Брашнаров и Емануел Чучков (потпретседатели) и Љупчо Арсов и Владимир Полежиноски (секретари). Заседанието усвоило неколку документи со државнотворно значење - Решение за конституирање на АСНОМ како врховен законодавен и извршен претставнички орган на демократска Македонија, Решение за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларација за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија. Од 28-ми до 30 декември во слободно Скопје е одржано Второто заседание на АСНОМ. Од 14-ти до 16 април 1945 година - Третото заседание на АСНОМ, кога е избрана Влада на Народна Република Македонија и се оформени органите на власт на новата македонска држава, создавана во текот на Народноослободителната војна.