Илија Панов осуден на 16 години затвор за убиството на својата вонбрачна партнерка Сузана во Кавадарци

Илија Панов, познат под прекарот „Јапан“ осуден на 16 години затвор за убиството на својата вонбрачна партнерка Сузана. 

Злосторството се случило помеѓу 20 и 22 јануари годинава во Кавадарци. Телото на 49-годишната жена било пронајдено на 22 јануари во нејзиниот дом на улицата „Ѓуро Салај“.

Жртвата лежела во спалната соба зад вратата, а просторот бил целосно разфрлан, што укажувало на брутална расправија.

Трагичниот момент го открила нејзината ќерка, која, откако мајка ѝ не одговарала на телефонски повици, решила да дојде во станот, каде наишла на хорор-сцена која го потресе градот.

Обвинителството соопшти дека Панов, при вршење семејно насилство, ја лишил од живот својата партнерка. Според обвинителниот акт, тој свесно ѝ го затворил носот и устата, предизвикувајќи механичко задушување.

Обдукцијата ги потврдила овие наоди, а ДНК траги биле најдени под ноктите на жртвата. Панов се обидел да создаде алиби и тврдеше дека не бил во домот во критичниот момент, но во исказите бил констатиран висок степен на лага.

За ова дело, законот предвидува максимална казна доживотен затвор, но судот денеска го осуди на 16 години затвор.