„Илезете и борете се против државата која е рак за сите нас“ - Ведрана Рудан до последен здив се бореше против неправдите

Веста за смртта на хрватската писателка и колумнистка Ведрана Рудан го потресе регионот.

Рудан, која со децении важеше за една од најдиректните и најостри авторки на овие простори, и во последните денови од животот пишуваше отворено за болеста, лекувањето и смртта.

Својата последна колумна, насловена „Медицинските сестри ќе здивнат кога ќе издишат“, ја објави на 26. јули годинава.. Во неа го опиша престојот на онкологија во болницата во Риека, но и сопственото соочување со неизбежниот крај.

„Во групата сум на оние на кои им е најтешко, но знам дека не ми е најтешко“, напиша Рудан, која боледуваше од редок и агресивен карцином на жолчните канали.

Наместо да бара сожалување за себе, таа во последната колумна вниманието го насочи кон медицинските сестри, кои секојдневно се грижат за најтешко болните пациенти.

„Ќе умрам јас, ќе умрат и други. Моментално сум дома, за мене се грижи семејството. Супа, чај, цврста и мека храна, перење на кревет… Глумам дека дремнувам. Срам ми е. На кои гранки паднав. Кога ќе им го кажам тоа, слушам само една реченица: ’Ти си наша‘“, напиша таа.

Рудан не го поштеди ниту здравствениот систем. Во својот препознатлив остар стил таа праша како медицинскиот персонал може да издржува долги и тешки смени, додека истовремено се грижи за пациентите во најтешките моменти.

„Чија сум кога сум во болницата дење и ноќе, кога во три наутро ќе почувствувам рака на челото, кога во пет ги гледам сестрите како го изнесуваат мојот отпад кој мене ми се гади… Не сум богата, а да сум, би им дала сè што имам. Како не разбирате, слепци!“.

Во еден од последните јавни апели, таа ги повика граѓаните да се спротивстават на неправдите и на системот кој, како што напиша, ги остава и пациентите и медицинските работници да се борат сами.

„Илезете на улиците и со сите сили борете се против државата која е рак за сите нас!“, порача Рудан.

Таа во колумната откри и дека престанува да пишува на својот блог за да се посвети на лекувањето.

„Кога авторот пишува за фазите на своето умирање, тоа се чита како лудо. Не можам да ви кажам дали ќе умрам, сигурна сум дека шанси постојат. Јасно ми е одамна дека сите сме смртни, па не се оптоварувам со борбата ниту со вера во среќен крај.“

Рудан напиша и дека си купила прстен за роденденот, бидејќи не била сигурна дали ќе го дочека.

Со својата последна колумна, таа уште еднаш покажа зошто со години важеше за авторка без влакна на јазикот. Дури и кога се соочуваше со сопствената смрт, Рудан не се откажа од критиката, иронијата и директното зборување за темите од кои многумина бегаат. До последниот текст остана верна на својот препознатлив стил – без страв да зборува за животот, болеста и смртта.