ИЈЗ: Воздухот во Скопје без зголемена радиоактивност, вредностите нормални

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека мерењата на јонизирачко зрачење во воздухот покажуваат дека нема никакви отстапувања од нормалните референтни вредности.

„Во периодот од 7 до 14 септември 2025 година автоматскиот систем за мерење на радијација работеше непрекинато и редовно ги следеше податоците од сите 14 мерни места низ Македонија, меѓу кои и станицата во Скопје,“ наведуваат од ИЈЗ.

Според резултатите од станицата во Скопје (MKMP-1), просечната вредност била 51 нано сиверт на час, со најниска и највисока измерена вредност од 51 до 69 нано сиверти на час. Денешното мерење (14 септември 2025 година во 11:30 часот) изнесувало 50 нано сиверти на час. „Сите овие бројки се во рамки на природниот радијациски фон, односно нормалното природно зрачење кое секогаш е присутно во нашата околина,“ појаснуваат од Институтот.

ИЈЗ информира дека вонредни екипи се испратени на терен за да земат примероци од почва и вода во непосредна близина на засегнатото подрачје за физичко-хемиска анализа, како и мостри од чешми и бунари за испитување на евентуално јонизирачко зрачење.

„Во моментот нема никакви вредности кои би укажале на зголемена радиоактивност или ризик за здравјето на граѓаните,“ истакнуваат од Институтот, додавајќи дека резултатите од земените мостри ќе бидат дополнително објавени по нивната обработка.

Институтот најави дека внимателно ќе ја следи состојбата во координација со Министерството за здравство и останатите надлежни институции, а на граѓаните им препорачува и понатаму да ги следат официјалните препораки.