ИЈЗ: Кавадарци со највисок скок во позитивни случаи, за една недела регистрирани речиси 8.000 новозаразени

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 29 март до 04 април 2021, тестирани се вкупно 26.142 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 5,0% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 7.933 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со зголемување од 6,9% во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=3.534; 44,5%), со неделна инциденца – 572,2/100.000. Највисока неделна инциденца од 583,3/100.000 е регистрирана во ПЕ Кавадарци.

Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 21,0 до 35,2%, или во просек 29,3%, со зголемување за 1,7% во однос на минатата недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=2.392, 30,2%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (n=1.422; 17,9%), 30-39 (n=1.414; 17,8%), 40-49 (n=1.313; 16,6%) и 20-29 (n=917; 11,6%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=94; 1,2%) и 10-19 години (n=381; 4,8%).

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 4.861 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со зголемување од 19,8% во споредба со минатата недела.

Пријавени се 260 смртни случаи од 27 градови, 27,5% повеќе во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 215 лицa биле над 60 години, 27 лица на возраст од 50-59 години, 13 лица од возрасната група од 40-49 години, 4 лица од 30-39 години и едно лице од 20-29 години.

На 17.02.2021 во Р. С. Македонија започна вакцинацијата против КОВИД19. Заклучно со 04.04.2021, вкупно се вакцинирани 7.009 здравствени работници со прва доза (4.015 – Pfizer/Biontech и 2.996 – Sputnik V) и 4.413 (3.805-Pfizer/Biontech и 608- Sputnik V ) со втора доза на вакцина против КОВИД19. Од 31.03.2021 започна вакцинација на населението за лицата над 77 години и заклучно со 04.04.2021 вакцинирани се 1.968 лица.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 29 март до 04 април 2021 година, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.