Игор Џамбазов: Мајка ми Анче не ми даваше да студирам глума

Потекнувајќи од уметничко семејство, незаборавните актери - мајка му Анче Џамбазова, дедо му Петре Прличко и татко му, композиторот Александар Џамбазов, Игор немал никаква дилема дали да се запише на Факултетот за драмски уметности, но не и неговите родители.

- Мајка ми сметаше дека таа професија во тоа време не беше ценета како што треба и постојано ми велеше дека многу подобар живот ќе си проживеам ако запишам нешто сосемa друго. Но, јас бев решен дека ќе бидам актер по секоја цена и тоа уште од времето на „Волшебното самарче" – вели Џамбазов, за Вечер.

Признава дека морал многу да се докажува баш поради неговото потекло.

- Не затоа што така требаше, туку затоа што јас сакав така. И уште во првата година на Aкадемијата сфатив дека ќе треба многу, многу да се потрудам за да не ми се случи да ја изневерам мајка ми Анче, а особено дедо ми Петре. Секогаш кога бев во некоја криза, а такви имав повеќе на самиот почеток, помислував на нив и тоа ми даваше некоја чудна, невидлива инјекција што ме тераше да продолжам понатаму, изјавува Игор Џамбазов за порталот Факултети.

Признава дека многу сакал да студира психологија, но за тоа немало услови поради преголемите ангажмани на ФДУ.

- Тоа страшно ме интересираше. Меѓутоа, за тоа навистина немаше услови. Студирањето на ФДУ беше многу напорно. Од утро до мрак имавме часови, вежби, предавања и тоа едноставно не беше можно. Сепак, бескрајно се израдував кога во третата и во четвртата година имавме предмет што се викаше Театарска психологија, а кој ни го предаваше еден од најголемите стручњаци за таа тема во тоа време, сега покојниот Миодраг Мицев. И токму тие четири семестри со тој предмет подоцна многу ми помогнаа кога ги подготвував и играв некои познати, но комплицирани ликови од светската драматургија – објаснува актерот.

Игор завршил со просек 9,24 и бил прогласен за еден од десетте најдобри студенти на четврта година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј". Глумата е занает. Треба да се учи, но најважно од сѐ е само едно - дали те бива или не, тврди Џамбазов.

- Дедо ми Прличко велеше: „За да бидеш добар актер, треба да имаш во главата, во срцето и во мадињата". Професионализмот што како вирус ни го пренесе нашиот професор ми остана до ден-денешен. И сѐ уште пристигнувам на претставите час и половина пред нивниот почеток, а пробите наутро не ми претставуваат проблем затоа што часовите по глума во нашата класа почнуваа во 8 часот наутро!

Игор признава дека со колегите си биле многу големи критичари меѓу себе и суетата не била дозволена во нивната дружба, „иако таа треба да ја има секоја актер".