Иџе во недела во поход на легендарната Монца

Најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски Иџе, по екипирањето на првиот македонски национален тим АКК Стефановски, на 30-ти април ќе настапи на  ФИА ЕТЦЦ шампионатот.

На 30ти април, Македонија со Игор Стефановски Иџе ја започнува новата ЕТЦЦ сезона со трката во Италија. На легендарната патека Монца ќе се вози првата трка во ФИА ЕТЦЦ 2017. Македонија ова сезона ќе дебитира на ФИА ЕТЦЦ со националната екипа, АКК Стефановски. За летачкиот Македонец Игор Стефановски Иџе, ова ќе биде втората ФИА ЕТЦЦ сезона.

Преносот од трката во Италија ќе се врши директно на националниот јавен сервис, во 9 часот во недела на 30ти април.

Стефановски ќе даде се од себе со цел да овозможи македонската химна и македонското знаме да бидат дел од победничкиот пиедестал по трката во Монца. Тој ќе го вози автомобилот на АКК Стефановски, Сеат Леон со спецификација ТРЦ модел 2017. Автомобилот, екипата и Иџе комплетно се подготвени за предизвикот кој следи на легендарната Монца.

По освојување на Имола мината сезона, нашиот Иџе атакува на победи и оваа сезона. Тој ќе се обиде да победи и на легендарната  патека Монца.

Националниот автодром во Монца се наоѓа во непосредна близина на Милано. Изграден е во 1922, а во 1980 и 2000 претрпе одредени измени. Важи за најлегендарна патека. Ја посакуваат и тркачите, најмногу заради самата атмосфера која ја следи.