Иде Водно!

Излизгувањето на дел од улицата во скопската населба Пржино, уште еднаш ни покажа како изгледа кога планината Водно доаѓа по своето. 

Половина од коловозот на улицата “Пандо Кљашев” која се граничи со „елитната“ Водно, поради градење на нова зграда е паднат во градежната парцела која ја направил инвеститор со градежна машина.

Екипа на градежниот инспекторат на општина Кисела Вода, по извршен увид на локацијата каде се урна дел од потпорен ѕид, издала усна наредба за прекин на работните активности на објектите на изведувачот Хантерс ДООЕЛ Скопје.

Увид на локацијата, како што информираат од општина Кисела Вода направил и градоначалникот на Филип Темелковски, придружуван од општински градежни инспектори.

Фирмата изведувач, Хантерес ДООЕЛ Скопје веќе започнала со активности за санација на настанатата штета, како и изградба на нов потпорен ѕид, информираат од општина Кисела Вода. 

На фирмата изведувач, од страна на Општина Кисела Вода и е наложено прво да изврши целосна санација на штетата, па потоа да започне со изведба на градежни работи на објектите. Воедно, изведувачот на објектите за кои поседува дозвола за градба се обврзал по завршувањето на градежните работи да изврши и асфалтирање на горната и долната улица „Пандо Кљашев“.

Минатиот викенд посетителите на Водно забележаа градежна механизација ангажирана од МЕР се искачила на Водно без најава и без одобрение отстранила дел од зеленилото. 

„Градот Скопје не е поврзан со градежните активности што во изминатите денови беа забележани на сртот на планината Водно. Сакаме да нагласиме дека Град Скопје не беше запознаен со почетокот на градежните активности на посочената локација и апсолутно се спротивставува на уништувањето на зеленилото. По добивањето на информациите, Град Скопје веднаш реагира. Според процените, направена е минимална штета и во моментот градежните активности се целосно стопирани. Град Скопје, Владата на Република Македонија и МЕР ќе формираат работна група со цел надминување на ова недоразбирање и заедничко одлучување за натамошните чекори“, велат од Град Скопје.

Минатата недела, в зори, четири багери се искачиле на Водно на местото кое шумарите го знаат како Бел Камен, над селото Чифлик, и почнале да го рамнат теренот. Уништено зеленило има по целиот пат што води до Бел Камен, каде што поминале багерите, а на местото каде што почнала подготовката на теренот за гасоводот, пак, откорнати се неколку борови. Израмнет е простор со должина од речиси 200 метри и ширина од 25 метри.

По овој повод повеќе граѓански еколошки организации и иницијативи наредниот викенд ќе го  организираат собирот „Дојди за Водно“

Настанот е со цел да се упати силна порака до надлежните институции – ДА за гасоводот, но не преку Водно. Здружени активисти и екологисти од повеќе иницијативи и организации бараат стопирање на градежните активности во парк-шума Водно, а исто така, парк-шумата неодложно да добие статус на заштитено подрачје.

Драги воднољупци, поради временските услови, а со цел заеднички да испратиме порака за зелено и заштитено Водно, ве известуваме дека настанот ќе биде одложен за некој од наредните викенди во најскоро можно време. Борбата допрва започнува, и институционално и вонинституционално, бидете со нас и следете не“, соопштија од иницијативата Спас за Водно.

Собирот засега е поддржан од:

Спас за Водно, Стоп на загадувањето, О2 Коалиција за чист воздух, Ние сме Карпош 4, За Спас на Кисела Вода!, Стоп за смрдеата во Аеродром и Лисиче – „Воздух сега!“, Skopje Smog Alarm, Скопје бара чист воздух/ Shkupi kërkon ajër të pastër!, Граѓанска група Карпош 3, Зелено Тафталиџе, Green Power.