Иако цените беа посолени, Македонците без штедење и оваа година најмногу се одмараа на грчките плажи

На крајот на летната туристичка сезона макеконските туристички агенции се задоволни од продажбата на летните аражмани и веќе стартуваат со новите наменети за зима 2018/2019 година. Според нив и покрај повисоките цени за 10 проценти на цените во Грција, сепак најаголем број од македонските граѓани заминаа да летуваат крај егејскиот брег.

Туристичките агенции што “Вечер” ги контактирал велат дека продажбата на аражманите за Грција привршува со над 90% реализација. Според нив политиката и спорот со името не влијаше на граѓаните да заминат на годишен одмор, пред се заради близината на морето

Не ги поколеба туристите да заминат во Грција ниту данокот на престој, кој како нов данок македонските туристи од оваа година го плаќаат при летување во Грција.

Данокот има различен износ во зависност од тоа какво сместување користите, соба, студио, апартман или хотел и се движи од половина евро до четири евра по соба.

Според претседателот на федерација на хотелиери и претседател на Сојуз на хотелиери од Халкидики, Григорис Тасиос, оваа туристичка такса се однесува за соба, а не по лице и затоа се вика данок на престој, а не данок на ноќевање.

– Данокот на престој е на товар на туристите со нивното пристигнување. Се однесува и на хотелите и на изнајмените апартмани и соби. Висината е во зависност од категоријата. Половина евро за изнајмените соби и апартмани и за хотелите од 1 и 2 ѕвезди, 1,5 евра на ден во хотелите со 3 ѕвезди, 3 евра за 4 ѕвезди и 4 евра во хотелите со 5 ѕвезди, објаснува Тасисо.

Во Грција и покрај поскапувањата и новите даноци бројот на туристи годинава е зголемен за 10 отсто и достигнал над 44, 4 милиони туристи , наспроти 40.443.451 луѓе година порано. Летовите до грчките аеродроми оваа година беа 368.581, од кои 139.061 домашни и 229.520 меѓународни летови

Над 10 милиони патници ги користеле грчките аеродроми во периодот јануари – август 2018 година, што претставува зголемување за 9,9 проценти во однос на истиот период минатата година, пишува “Катимерини#. Според податоците од Канцеларијата за цивилно воздухопловство, исто така е забележан раст од 8,7 отсто во бројот на летови.

Порастот на бројот на патниците на атинскиот меѓународен аеродром, 14. регионални аеродроми управувани од компанијата Фрапорт Грција, и 23. други регионални аеродроми, контролирани од државата, се совпаѓа со прогнозата за 10-процентно зголемување на туристичките посети во Грција оваа година.

Аеродромот со најголемо зголемување на патниците во периодот јануари – август е Сити во источен Крит, каде што регистрирал раст од 110,1 проценти. Зголемувањето на туристите во септември и октомври се очекува да биде повисоко отколку во август, како што беше случајот во мај и јуни.

Како што летово пишуваше економскиот портал “Торнос њуз#, по Шпанија, Грција е најпопуларната туристичка дестинација за Германците. Проценките беа дека оваа година земјата ќе пречека повеќе од четири милиони туристи од Германија и тоа и се случи.

Истовремено германскиот институт за истражување на пазарот информира дека локалните туристички агенции пријавиле 40 проценти зголемување на продажбата на аранжмани за Грција, во споредба со лани.

Годинава во топ три туристички дестинации во Европа се вброи и Турција, која е голем конкурент на Грција. Статистиката за првите 8 месеци година бележи дека двојно е зголемен бројот на резервации за летување во Турција.