И за багатела не купуваат, Скопје врие од непродадени станови

Иако на огласите за недвижности се нудат станови и по багателни цени во гланиот град, тие со месеци стојат непродадени.Според агентите за недвижности иста е ситуацијата и со новите станови што се продаваат. Од агенциите велат дека во ваква ситуација каква што е политичката воопшто не треба да се зборува за продажба на станови.

На пример, стан во Чаир од над 70 метри квадратни со месеци се нуди по цена од 30 илјади евра, но и со вака ниска цена никој не го купува.

Сепак, дека се не е толку мртво на овој пазар покажуваат последните статистички податоци за градежништво од јануари годинава. Додека продажбата стагнира, статистиката покажува дека изградбата на нови станови продолжува. Податоците велат дека во јануари годинава ќе се градат 221 стан со вкупна површина од 15.696 метри квадратни. Најмногу станови, односно половина од нив, и понатаму се градат во Аеродром (115), а на второ место по изградба на станови е општинаКисела Вода (35).

Сепак, иако во метрополата изградбата на станови во метрополата е во постојан подем, но продажбата оди потешко од агенциите за недвижности не најавуваат некоја драстична промена во насока на намалување на цената за метар квадратен.

Секако, најнадувани остануваат цените на становите во Центар, Аеродром и Карпош. Најевтини се оние што се продаваат во Гази Баба, во Железара и Ченто каде што цената во новите градба е 700 евра за квадрат, исто така и во Ѓорче Петров, Бутел, Кисела Вода каде што во постарите згради може да се најде и под 700 евра за метар квадратен. Убедливо меѓу најниските цени чини и метар квадратен во Чаир.

Според Извештајот од регистерот на цени и закупнини за Македонија на Агенцијата за катастар за недвижности еве кои се просечните цени по кои лани се продавале становите во главниот град: Центар (953 евра/м2); Карпош (898 евра/м2); Аеродром (772 евра/м2); Кисела Вода (772 евра/м2); Ѓорче Петров (691 евро/м2); Гази Баба (688 евра/м2) и Чаир (428евра/м2).

Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јануари 2017 година изнесува 22.750  денари, а индексот изнесува 102.2.