И во 2019 година Град Скопје ќе субвенционира: Бесплатни автобуски карти, печки на пелети, велосипеди...

Град Скопје и наредната година ќе продолжи со доделување на субвенции за граѓани и на јавни претпријатија.

Во Буџетот за 2019 година се предвидени вкупно 556 милиони денари или околу 9 милиони евра за продолжување на субвенционирањето на граѓани за набавка на посовремени уреди за затоплување, набавка на печки на пелети, велосипеди, чистење оџаци, а позавидна финансиска помош од градската каса е предвидена за Јавното сообраќајно претпријатие, ЈП”Улици и патишта”, ЈП”Градски паркинг” и за ЈП”Паркови и зеленило”.

Најмногу пари или дури 400 милиони денари ќе одат за локален јавен превоз на патници. Па така, субвенција од 200 милиони денари или 4 милиони евра ќе му бидат дадени на ЈСП за во 2019 година да се справи со тешкотии во своето работење, но не е наведено за какви. ЈСП ќе добие субвенција од 100 милиони денари (1,6 милиони евра) за обезбедување на бесплатни билети за возрасни лица и за студенти, што значи пензионерите и студентите и наредната година бесплатно ќе се возат во јавниот градски превоз. Бесплатниот превоз на скопските пензионери им е овозможен од 2010 година, првично само за време на викендите, а од 2016 година и во вторник и петок. Од 2016 година и сите редовни студенти од државните универзитети во Скопје користат бесплатен јавен градски превоз секој ден во неделата, на сите линии. Субвенција од 50 милиони денари или над 810.000 евра ЈСП добива и за функционалност на АВЛ и на системот за интелигентна наплата.

Субвенција од 20 милиони денари ќе му бидат префрлени на ЈСП за овозможување на бесплатен превоз во деновите со алармно загадување на воздухот.

За справување со тешкотии во работењето во 2019 година на ЈП ”Градски паркинг” од градската каса ќе му бидат префрлени 15 милиони денари или 244.000 евра. На ова ЈП ќе му бидат субвенционирани и еден милион денари за проектирање и набавка на велосипеди, како и за пунктови за изнајмување на велосипедите од страна на граѓаните.

Субвенции во висина од 21 милион денари се наменети за одржување и заштита на локални патишта, улици и регулирање на режим на сообраќај. Така, за оперативни трошоци за Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС) на ЈП”Улици и патишта” ќе му бидат префрлени 6 милиони денари или околу сто илјади евра. Ова ЈП ќе добие и субвенција од 15 милиони денари или 244.000 евра за одржување на ЦУКС. За набавка на “топ”возила е предвидена субвенција од 5 милиони денари.

Субвенција во висина од 41,1 милиони денари (670.000 евра) во буџетот на Град Скопје се определени и за ЈП”Паркови и зеленило” за одржување и користење парковите и зеленилото во градот.

Дваесет милиони денари (325.000 евра) во вид на субвенција се определени и за приватните автобуски превозници за да ги адаптираат постојните автобуси со мотори за еколошки возила.

Град Скопје и наредната година ќе продолжи со доделување на субвенции за граѓаните. За набавка на посовремени уреди за затоплување предвидени се 20 милиони денари, а за набавка на печки на пелети – 15 милиони денари. За набавка на велосипеди, тротинети и електрични возила на две тркала од страна на граѓаните се определени 10 милиони денари. Не е изоставена ни мерката за чистење оџаци која можат да ја користат домаќинства и други субјекти за што се предвидени 3 милиони денари или околу 50.000 евра.