И разните субвенции се без ефект - бројот на младите земјоделци во државата се намалува

Бројот на младите земјоделци во државата се намалува, а младите се помалку се гледаат во оваа стопанска гранка. И разните субвенции кои ги дава државата за да ја подобри состојбата се без ефект, бидејќи необработените површини се зголемуваат, а села згаснуваат.

Опаѓа бројот на младите земјоделци во државата. Се помалку млади можат да се видат на нивите, во овоштарниците и по шталите. Наместо да бидат земјоделци, се поголем број млади се одлучуваат да заминат надвор од државата наместо да се вратат на нивите.

И покрај тоа што државата ги зголемува средствата за субвенции за да ги натера младите да се занимаваат со оваа стопанска дејност, сепак интересот е многу мал.

Загрижува податокот дека само 1,2 проценти од младите се фармери, а само 24,5 отсто од фармите се во сопственост на земјоделци помлади од 45 години.

Агроекспертите се согласуваат со фактот дека бројот на младите земјоделци во државата се намалува, а младите се помалку се гледаат во оваа стопанска гранка. И разните субвенции кои ги дава државата за да ја подобри состојбата се без ефект, бидејќи необработените површини се зголемуваат, а селата згаснуваат. Сликата низ државата насекаде е иста. Многу полиња низ државата стојат речиси неизорани.

– Површините се намалуваат, а производството продолжува да опаѓа иако капацитет за негово зголемување има. Се намалува и интересот за земјоделството воопшто. Во Македонија има 68.000 хектари под пченица за разлика од пред 25 до 30 години кога површините достигнуваа 280.000 хектари, вели претседателот на Агробизнис комората при Сојузот на стопански комори, Огнен Оровчанец.

Според него, Македонија мора сериозно да постапува со земјоделството како сите развиени европски земји. Што може да се стори со 10.000 евра колку што е поддршката за младите фармери ако знаеме дека еден трактор чини најмалку 250.000 евра.

Државата мора да дава субвенции за млади фармери за да не замре производството. Не постои земја во светот каде не се даваат субвенции на млади земјоделци и не се субвенционира земјоделското производство, велат агроекспертите.

Агроекспертите констатираат дека потребно е создавање на соодветни кадри, бидејќи продуктивно и конкурентно земјоделство веќе не е можно без примена на нови технологии и наука, сертифицирано семе и однапред договорен пласман. Минато е размислувањето дека земјоделските активности може да базираат на традиција и едноставни активности без образование и искуство.

Статистичките податоци покажуваат дека во изминатите 20 години земјоделската површина од 1,3 милион хектари се намалила на 1,1 милион хектари. Обработливата површина, пак, од 600.000 се намалила на 500.000 хектари. Има намалување и на сточниот фонд, особено во овчарството, каде што од два милиони овци по 20 години има само 800.000. Намалени се и лозарско-овошните насади.