И покрај владината забрана „Паркинзи“ на општина Центар трошат 60 илјади евра на маркетинг и пропаганда

Договор во вредност од 60 илјади со вклучен ДДВ на крајот на минатата година склучило Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на општина Центар. Договорот е склучен со компанијата „Виа маркетинг“ и истиот вклучува реклама и пропаганда за потребите на договорниот орган во период од една година.

Согласно техничката спецификација која е дадена во прилог на договорот, договорот предвидува осмислување на целосна месечна комуникациска стратегија, осмислување на тематска кампања со визуелен идентитет, организации на прес конференции, подготвување и печатење на материјали, организација на настани, организација на БТЛ промоци, медиумски закупи со банер и сл.

Владата во 2017 година донесе одлука за стопирање на владините реклами на комерцијалните радиодифузери и печатени медиуми, билборди и интернет портали и пренесување на комуникацијата со граѓаните преку јавниот радиодифузен сервис МРТВ и социјалните медиуми, соопштија од владиниот сектор за комуникации. Истовремено, Владата им препорача на локалните власти да престанат да се рекламираат на комерцијални телевизии и радија, дневни и неделни весници, билборди и интернет портали. 

Скопје Инфо, минатата недела објави дека јавното претпријатие „Водовод и Канализација“ ќе потроши повеќе од 70 илјади евра за мебел, од кои 50 илјади евра за канцелариски столици и 20 илјади евра за плакари и бироа.